Линкови за пристапност

САД во преговори со Талибанци?!


Официјални лица од Стејт департментот велат дека САД ја разгледуваат можноста за обновување на контакти со некои елементи од талибанското движење на Авганистан, како дел од прегледот на досегашниот тек на авганистанската војна од страна на администрацијата на претседателот Буш. Тоа се очекува да биде завршено по претседателските избори на САД.

Официјални лица велат дека не се направени никакви конечни одлуки, но новата политика може да води до директен американски дијалог со, како што се окарактеризирани, “помирливите“ елементи на Талибанците.

Администрацијата на Буш почна со процесот на ревидирање на политиката спрема Авганистан на почетокот од месецот, во време кога американски армиски лица предочуваат дека има зголемени закани во Авганистан од Талибанците, елементи од Ал-Каида и други исламистички екстремисти.

Авганистанската влада на претседателот Хамид Карзаи е вклучена во контакти со релативно умерени талибански елементи, со посредство на Саудиска Арабија.

САД го поддржуваат дијалогот предводен од Саудијците, но одбиваат директни разговори.

Висок официјален претставник на Стејт департментот кој зборуваше со новинарите, истакна дека идејата за контакти со талибанските фракции е „нешто за што се дискутирало како дел од ревизијата на политиката кон Авганистан“.

Тој потсети дека американското приближување до сунитските племиња во Ирак, кои првично беа непријателски настроени кон американската интервензија во земјата, им помогнало да се свртат против Ал-Каида со што се намалило насилството во земјата.

Портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак рече дека било какви директни контакти со Талибанците ќе бидат во контекст на поширокиот процес на помирување, кој, со негови зборови, самите Авганистанци треба да го водат.

XS
SM
MD
LG