Американскиот претседателски кандидат Џон Мекејн го повика сенаторот од Аљаска Тед Стивенс да се повлече од функцијата откако судот го прогласи за виновен, бидејќи лажел за примени подароци.
Кампањата на Мекејн денес издаде изјава во која се вели дека Стивенс, инаку републиканец со најдолг стаж во Сенатот, „ја изиграл довербата“ на Американците.
Гувернерката на Аљаска и републиканска кандидатка за потпретседателка Сара Пејлин се заложи дека ќе продолжи да се бори против „корумпирачкото влијание“ на големите нафтени компании во нејзината сојузна држава. Коментирајќи на пресудата за Стивенс, таа изрази уверување дека тој ќе постапи во полза на сојузната држава, но не се приклучи на повикот на Мекејн за оставка.
По едномесечен процес, порота во Вашингтон во понеделникот го прогласи 84-годишниот Стивенс за виновен и тој е соочен со максимална казна затвор од 35 години. Па сепак, согласно федералните казнени упатства, тој би можел да добие далеку помала казна, па дури и условна.
Според обвинението, Стивенс не поднел извештај за подароци во вредност од 250.000 долари од нафтена компанија со која неговата сојузна држава склучила договор. Меѓу подароците спаѓа и реновирање на неговиот дом. Сенаторот тврдеше дека тој платил за реновирањето.
Стивенс има право да продолжи со трката за реизбор во Сенатот наредната недела, дури и како осуденик. Па сепак, Сенатот може да го исклучи, доколку две третини од сенаторите гласаат за тоа.