Линкови за пристапност

Сирија ги обвинува САД за „терористичка агресија“


Стејт департментот и Одделот за одбрана одбија да коментираат за инцидентот, но западните медиуми пренесоа изјава на неименувани американски официјални лица во која стои дека американските сили извеле напад против „странски борци" на територијата на Сирија.

Сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Муалем во Лондон изјави дека нападот се случил дење, во неделата. Тој кажа дека тоа е доказ оти не се работи за грешка, туку за „јасна намера".

Тој предупреди дека ако се случи уште еден ваков напад, Сирија ќе ја брани својата територијата.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Шон Мекормак призна дека Сирија вложила официјален протест за инцидентот.

Тој одби да дискутира за самиот напад, но додаде дека прекуграничната инфилтрација на милитанти од Сирија останува проблем.

Сириската државна агенција САНА изјави дека илјадници луѓе присуствувале на закопите на загинатите во нападот.

Претходно, медиумите јавија дека брачен пар, маж и неговите четири сина, како и друго лице ги загубиле животите.

Сирија соопшти дека четири американски хеликоптери учествувале во акцијата од неделата во градот Абу Камал.

Државните медиуми велат дека хеликоптерите одлетале назад во Ирак по нападот.

Портпаролот на ирачката влада кажа дека имало упад во област што бунтовниците ја користеле за планирање напади на ирачка територија.

Русија и Арапската Лига го осудија нападот.

XS
SM
MD
LG