На неполни две недели од изборите на 4-ти ноември, испитувањата на јавното мислење укажуват дека демократскиот претседателски кандидат Барак Обама е во водство од над седум проценти пред републиканскиот конкурент Џон Мекејн.
Според Збирниот резултат од анкетите, што го подготви Real Clear Politics.com, Обама води и во клучните сојузни држави Охајо и Колорадо, каде републиканците со претседателот Буш победија на изборите во 2004-та.
Мекејн во петокот беше на камапања во Колорадо, а потоа и во Ново Мексико – уште една сојузна држава каде Обама е претпочитан кандидат.
Обама петокот го мина на Хаваите, во посета на својата болна баба. Здравствената состојба на 85-годишната Маделин Данхам се влоши во последните неколку дена. Обама во телевизиско интервју кажа дека не успеал да ја види мајка си пред да почине во 1995-та и дека не сака да ја повтори таа грешка.
Во уреднички коментар, угледниот Њујорк Тајмс му даде поддршка на Барак Обама. Весникот го окарактеризира демократскиот кандидат дека поседува карактер и интелект, како и способност да создаде широка согласност за решавање на проблемите во земјата.
Мекејн, пак, ја доби поддршката на Детроит Њуз. Весникот во четвртокот објави дека Мекејн е најподготвен да раководи со земјата, дека е докажан водач со искуство, карактер и независност - неопходни во опасни времиња.
Неколку весници веќе дадоа поддршка на еден од кандидатите. Далас морнинг њуз го поддржа Мекејн, додека Вашингтон пост и Лос Анѓелес тајмс се определија за Обама.