Неколку нови анкети на гласачи покажаа дека демократскиот претседателски кандидат Барак Обама има двоцифрено водство врз републиканецот Џон Мекејн, само 13 денови пред Американците да изберат нов претседател.
Денеска во Њу Хемшир, сенаторот Мекејн призна дека заостанува зад него во последните испитувања на јавното мислење, но рече дека гласачите ќе одлучат кој ќе биде иден претседател. Тој повторно го истакна прашањето од неговата кампања поврзано со искуството на Обама – дали е доволно подготвен да ја води нацијата со оглед дека има само еден мандат како американски сенатор.
Мекејн денеска има кампања во Охајо, каде Обама има тесно водство, додека Обама во Вирџинија се среќава со советниците за национална безбедност при што ќе се фокусира на надворешната политика, зашто, како што рече, следниот претседател мора внимателно да ја следи надворешната политика дури и во време на економска криза во земјата.
Анкетите покажуваат дека Обама води пред Мекејн во Вирџинија, традиционално републиканска сојузна држава, и тоа со осум проценти. Претседателот Буш победи во 2000 и 2004-та во оваа држава, а Демократ не извојувал победа од 1964-та.