Линкови за пристапност

На 15-ти ноември меѓународен самит во Вашингтон за финансиската криза


САД ги поканија лидерите на главните индустријализирани земји и на земјите кои важат за главни пазарни економии во подем, како Кина, Индија, Русија и Бразил, на самит во Вашингтон на 15-ти ноември, посветен на финансиската криза. Според претставници на Белата куќа, на средбата се поканети и првите лица на ОН, Меѓународниот монетарен фод и Светската банка.

Главна точка на дневниот ред на самитот на таканаречената Група – 20 се преземените мерки за решавање на кризата и како да се спречат натамошни економски проблеми.

Британскиот премиер Гордон Браун во средата изјави дека глобалниот пад во финансискиот сектор најверојатно ќе предизвика рецесија во Британија и на други места. Неговата изјава дојде во исто време кога цените на акциите бележат стрмоглав пад ширум берзите во светот. Инвеститорите навидум се загрижени поради редица извештаи за слаб профит на големите компании.

Економската криза го забави и економскиот подем во Кина, каде владата најави мерки за помош на пазарот на домување со олеснување на даноците и отстранување на некои ограничувања за купување на домови.

Финансиската криза предизвика и тоа многу луѓе да поразмислат колку плаќаат за храна. Мекдоналдс јави дека забележал неочекуван профит. Тоа се должи на фактот дека се` поголем број лица се решаваат за брза храна од овој најголем синџир на ресторани во светот, што е доста поевтина од онаа во класичните ресторани.

XS
SM
MD
LG