Линкови за пристапност

Форум на македонската дијаспора во Вашингтон: Усогласување на активностите  за подобро лобирање за татковината

  • Глас македонски

Целта на форумот, што се одржа во македонската амбасада во Вашингтон, беше да се подобри координацијата на активностите на организациите на македонската дијаспора во САД и Северна Америка.

Амбасадорот Зоран Јолевски ги поздрави иницијативитите на иселениците и рече дека Амбасадата на Република Македонија е подготвена да им излезе во пресрет на нивните идеи:

„За време на мојот престој во Вашингтон утврдив дека сите организации од македонски заедница сакаат да и помогнат на Македонија, меѓутоа честопати слични проекти се водат паралелно. Со оваа средба треба да се координираат активностите. Овој форум очекувам да стане традиционален, секоја година да се собираме и да се договараме за заеднички настап. Но, и да се насочат нивните активности во правец на лобирање во америкаскиот Конгрес и Сенат, привлекување на странски инвестиции, презентирање на македонската култура во Америка..."

Васил Бабамов од Асоцијацијата за македонско-американско партнерство од Колумбус, Охајо, вели дека неговата организација преку средби со претставници на Конгресот ги објаснува, со негови зборови, некоректните позиции во анти-македонските резолуции, ги истражува начините за помагање на Македонија и за создавање на партнерски односи со организации на иселеници од други земји.

Дејан Костовски од организацијата Македонија 2025 од Торонто, ги лоцираше областите каде може да се помогне на татковината: „Секторот туризам, процесирање и производство на храна", рече Костовски.

За Владимир Ацев, кој важи за еден од најангажираните претставници на македонските иселеници кога станува збор за собирање средства за помош за деца во Македонија во вид на книги, лекови и друга опрема, средбата е корисна:

„Може да помогнеме со хуманитарна помош, да лобираме во Конгресот за влез на Македонија во НАТО, ЕУ, за заштита на името, како и да пронајдеме странски инвеститори, истакна Ацев.

XS
SM
MD
LG