Последното истражување на јавното мислење меѓу Американците од арапско потекло индицира историско свртување кон Демократската партија. Анкетите покажуваат дека демократот Барак Обама има водство од 21 процент пред републиканецот Џон Мекејн меѓу Американците од арапско потекло, чиј број се проценува на 3,5 милиони. Тие наводно не се задоволни од сегашната економска ситуација и од недостатокот на напредок по прашањето за постоење на независна палестинска држава напоредно со Израел.
Поддршката меѓу Американците од арапско потекло за Републиканската партија – опаѓа, покажува неодамнешна анкета.
Џејмс Зогби е претседател на Арапско-американскиот институт, кој ја спроведе анкетата. Вели - идеолошкото свртување меѓу Американците од арапско потекло продолжува и денес:
- Републиканската партија трпи губитоци – има половина од силината во 2000-та и тоа не е за изненадување. Водите лоша политика - добивате лоши резултати.
На претседателските избори во 2000-та, 44 проценти од Американците од арапско потекло гласа за Џорџ Буш. 38 отсто го дадоа гласот за Ал Гор. Годинава, за демократот Барак Обама би гласале 54, а за Џон Мекејн 38 проценти од Американците со арапско потекло.
Нивниот глас ќе биде мошне важен во сојузните држави каде се очекува тесна трка.
- Тесна трка ќе има во Мичиген, а Американците од арапско потекло ќе ја
направат разликата. Иста ситуација е и во
Вирџинија, мислам и во Охајо и веројатно во Флорида и во Пенсилванија, вели Џејмс Зогби.
Џим Моран, демократски конгресмен од Вирџинија коментира:
- Многу е важно една голема заедница, како Американците од арапско потекло,
да биде дел од демократскиот процес. Да
влијаат врз него, да направат промени во некои области. Во некои области навистина се потребни
промени.