Линкови за пристапност

Со признавањето на Косово, Македонија може да стане  стабилизатор на регионот 


Со експертот за Балкан од Центарот за контрола и неширење на оружјето од Вашингтон, Даниел Нелсон, разговаравме за ситуацијата во која се најде Македонија по признавањето на Косово. Тој смета дека земјата може да го искористи овој потег како можност да се промовира како стабилизатор на регионот.

Нелсон е убеден дека протестите во Црна Гора биле организирани од надвор, што за него е апсурдно.

„Јас не негирам дека Србите треба да бидат загрижени за независноста на Косово и признавањето, вели Нелсон. Тие може да предложат алтернативи по дипломатски пат. Тие може да се залагаат за заштита на своите културни институции во Косово. Има многу работи што може да сторат. Но, да поттикнат насилство во друга држава, е опасен преседан".

Даниел Нелсон ја гледа Македонија во позитивна светлина во актуелниот момент:

„Македонија има капацитет да биде прекрасен пример, доколку успее да создаде можности за Албанците, за Македонците од словенско потекло и за другите, сите да ги уживаат истите права како граѓани. Неодамна разговарав со луѓе од Тетово и други места и знам дека сеуште има загриженост. Од друга страна, Македонија успеа таму каде други држави не успеале. Делумно заради меѓународното присуство, но во секој случај успеа. И ако Македонија ги минимизира загриженоста и стравот заради српската засегнатост со косовската независност, Македонија ќе биде стабилизатор на Балканот".

Македонија како мултиетничка демократија, што не е чест случај во светот, вели Нелсон посочувајќи на примери на мултиетнички демократии кои не се демократии, и обратно, може да каже - ние го признавме Косово, но исто така ги признаваме и српските културни права. Тука може да има баланс, и таа улога би ја презела македонската или црногорската влада.

„На негативна страна, може да има штета, доколку односите не само меѓу Скопје и Белград, туку и меѓу Скопје и Приштина се влошат, што е секогаш веројатност. Но, овие два соседи на Косово може да бидат линкот и осигурувањето на косовската транзиција кон независна држава што нема да ги плаши Србите, Косово што може да рече – да, ние сме независни, но ние ги почитуваме вашите цркви и вашето интелектуално наследство, го почитуваме вашето минато и нема да ги оштетиме ниту да претставуваме закана за Митровица или кое било друго место. Тоа е она што Македонија и Црна Гора може да промовираат. За Скопје ова може да биде прилика што не смее да се пропушти.

Го имате Охридскиот договор што промовира мултиетничка толеранција. Бранете го тоа. Зашто, ако пропадне, Балканот ќе се врати назад во 1877, а тоа не смее да биде. Мислам дека ова е можност и за Европа да добие модел, модел за Белгија и за други мултиетнички и мултилингвистички места. Нека биде тоа!", вели Даниел Нелсон од Центарот за контрола и неширење на оружјето од Вашингтон.

XS
SM
MD
LG