Линкови за пристапност

Економската криза во САД доминираше во последниот тв-дуел меѓу Обама и Мекејн


Економската криза во САД доминираше на почетокот од третата и последна претседателска дебата меѓу сенаторите Џон Мекејн и Барак Обама.

На почетокот од тв-дуелот на Универзитетот Хофстра во Њујорк, Мекејн рече дека Американците се погодени и бесни поради економската криза. Како виновник за настаната криза ја обвини алчноста и претерувањето од страна на Вол Стрит и Вашингтон. Републикансиот сенатор од Аризона рече дека најпрво треба да бидат заштитени сопствениците на домови.

Обама, демократ од Илиноис, рече дека земјата ја „живее“ најголемата финансиска криза од времето на Големата депресија. Тој оцени дека планот за спасување што тој и сенаторот Мекејн го поддржаа во Сенатот е важен главен чекор, иако призна дека не видел план кој ќе им помогне на средната класа Американци.

Двајцата кандидати изразија различни мислења за даноците. Мекејн рече дека Обама ќе ги зголеми даноците. Обама истакна дека тој и Мекејн сакаат да ги намалат даноците, но имаат различен став кои од нив да ги редуцираат. Обама го обвини Мекејн дека сака да ги скрати даноците за богатите Американци. Мекејн го праша Обама зошто сака да ги зголеми даноците за сите Американци.

Обајцата претседателски кандидати дискутираа и за зголемениот негативен тон во кампањата. Двајцата рекоа дека сакаат да водат кампања која е фокусирана на прашања кои се важни за Американците.

Сепак, Мекејн рече дека американскиот народ треба да ја знае целосната содржина на врската на Обама со радикалниот поборник против војната во Виетнам. Обама рече дека служел со Вилијан Ајерс во училишен борд пред една деценија и оти Ајерс бил вклучен во „презирливи„ акти пред 40 години. Обама рече дека бил на осум-годишна возраст во тоа време на насилни акти и оти го осудил таквото однесување.

Мекејн ја обвини кампањата на Обама дека троши „незапомнета„ сума пари за негативни рекламни пораки против него. Тој се обидува да го надополни заостанувањето откако анкетите покажуваат дека Обама има предност. Од своја страма, сенаторот Обама се обидува да го задржи водството и да одбегне грешки кои скапо ќе го чинат.

Американската економска криза му помогна на демократот Обама да се издвои пред неговиот републикански ривал Мекејн во анкетите на национално ниво, како и во сојузните држави каде се очекува тесна трка.

Последниот ТВ-дуел им даде шанса на обајцата кандидати да ја придобијат довербата од неопределените и независни гласачи.

Најновата анкета на Њујорк Тајмс и Си-Би-Ес Њуз покажа дека Обама води пред сенаторот од Аризона со 53 спрема 49 проценти. Друго испитување на јавното мислење во средата од заедничката анкета на Ројтерс, Зогби и Си-Спен покажа дека Обама води пред Мекејн со 4 проценти на национално ниво.

XS
SM
MD
LG