Линкови за пристапност

Вечерва последен ТВ-дуел меѓу Обама и Мекејн


Американските претседателски кандидати Џон Мекејн и Барак Обама вечерва ќе го одржат последниот ТВ-дуел на помалку од три недели од изборите.

Соочувањето на Универзитетот Хофстра во Њујорк се очекува да биде фокусирано на американската економска криза – тема која му помогна на демократот Обама да се издвои пред неговиот републикански ривал Мекејн во анкетите на национално ниво, како и во сојузните држави каде се очекува тесна трка.

Анкетата на Њујорк Тајмс и Си-Би-Ес Њуз покажа дека Обама води пред Мекејн со 53 наспроти 39 проценти. Друго истражување на јавното мислење – заедничката анкета на Ројтерс, Зогби и Си-Спен покажа дека Обама води пред Мекејн со 4 проценти на национално ниво.

Се очекува вечерва и обајцата да се претстават како кандидатот кој ќе може да ја извлече земјата од економската криза.

Претходно неделава, и Обама, и Мекејн изнесоа планови за решавање на кризата во финансискиот сектор.

Пакетот на Мекејн во износ од речиси 53 милијарди долари предвидува да се укинат даноците за бенефициите за невработените и помош за пензионираните работници да ги сочуваат заштедите. Тој рече дека неговиот план вклучува даночни кратења што ќе овозможат отвoрање на нови работни места.

Планот на Обама предвидува тримесечен мораториум за губењето на домови под хипотека, укинување на паричните казни за вадење пари од пензиските фондови и предвремени даночни олеснувања за компании кои отвораат работни места во САД.

XS
SM
MD
LG