Линкови за пристапност

Македонија ќе добие покана за НАТО до следниот самит


Даниел Фата, потпретседател на Групата Коен, фирма за стратешко советување предводена од поранешниот секретар за одбрана Вилијам Коен, член на колегиумот на Германскиот маршалов план во Вашингтон, и поранешен заменик-помошник секретар за одбрана на САД, бил на самитот на НАТО во Букурешт како член на делегацијата на претседателот Буш. Тој одблизу видел што се случило со очекуваната покана за членство.

„Бевме разочарани", кажа тој при нашиот разговор во Гласот на Америка. „Јас бев со секретарот Гејтс кога беше објавена одлуката дека ќе бидат (поканети) само Албанија и Хрватска. Бевме разочарани што Македонија не доби покана".

НАТО е организација на консензус, објаснува тој, што е добро и лошо во исто време. Од една страна одлуките на Алијансата се цврсти и тешко се побиваат, но лошо е што треба време додека да се дојде до тоа. Но, без оглед на тоа, тој додава:

„Јас останувам оптимист дека Македонија ќе добие покана. Ако можам да се кладам, би рекол дека не подоцна од 60-та годишнина, што е во април следната година, Македонија ќе има добиено покана или ќе ја добие на тој јубилеен самит".

За тоа ќе треба да се вложи труд од двете страни - Македонија и Грција, вели Фата, но нагласува дека

Македонија била многу пресретлива со ставање предлози на маса за начините да се надмине ова прашање за името со Атина. „Јас би сакал да видам Атина да е поприемчива за некои од компромисите што Македонците ги предлагаат".

Во време кога бил во Одделот за одбрана Даниел Фата имал средби со двете страни поединечно, при што биле потенцирани аргументите дека Македонија ги исполнила сите критериуми за членство и дека активно придонесува во операциите на Алијансата.

„Никогаш не добивме чувство дека Грција се чувствува загрозена од Македонија. Тоа не е воено прашање, туку историско, што треба да биде решено. Голем број преговарачи се обидоа да го решат, да го доведат до успешен компромис, но јас верувам дека до времето на јубилејниот 60-ти самит на Алијансата, и фактот што повеќето парламенти до тогаш ќе ги ратификуваат поканите за Хрватска и Албанија, нема да се дозволи Македонија да заостане. Но за тоа ќе биде потребен компромис од грчката влада. Јас никогаш не почувствував дека грчкиот народ е толку тврд во однос на прашањето со името. Грчката влада е таа што го држи таквиот став. Се разбира, и Македонија треба да покаже волја за компромис. Македонија направи многу во таа насока, би било убаво и Грција повеќе да се приближи до средината", кажа Даниел Фата за Гласот на Америка на македонски.

XS
SM
MD
LG