Линкови за пристапност

Американците под стрес заради ситуацијата на Вол Стрит 


И покрај усвојувањето на владиниот план тежок 700 милијарди долари за решавање на ситуацијата во финансискиот сектор, обичните Американци започнаа да ги чувствуваат ефектите на кризата - замрзнати кредитни пазари, банкарски проблеми. Луѓето се загрижени како ќе врзат крај со крај.

Ова е прво на кое помислуваме кога ќе слушнеме - Волстрит: центар на американскиот финансиски пазар – гласни тргувачи неуморно купуваат и продаваат акции.

Но има и друг Волстрит – улица со исто име, на 400 километри од онаа во Њујорк, во Роквил, сојузната држава Мериленд.

Луѓето кои живеат на неа, како Емили Гери, се прашуваат дали владиниот план за спас на Волстрит од Њујорк ќе им помогне и тие да се спасат:

-Навистина наликува дека банките и луѓето на Волстрит лесно ќе се спасат, додека оние со скромни примања и натаму работат напорно, а цените – како онаа на бензинот - растат. Потешко ни е. Би сакала дел од тие пари да сторат нешто и за нас.

Емили почнала да троши од заштедата, само за да врзе крај со крај:

-Морав и да скратам некои работи. Се откажав од автомобилот и сега возам велосипед.

И 84-годишниот Тед Конвеј возил велоспиед. За себе вели дека како дете на економската депресија од 1930-те знае што е мака, но сега е загрижен за иднината на своите деца и внуци:

-Би сакал да можам да заминам од овој свет, бидејќи имам нешто заштедено, а и куќа во моја сопственост. Би било убаво децата да имаат пари за универзитетско школување – без да се грижат може да си го дозволат тоа.

Оовј ветеран од Втората светска војна се сеќава кога светот гледал на САД како на спасители:

-Ме загрижува како сега гледаат на нас и си мислат – Америка ни го направи сето ова.

Неговата сосетка Ники Голдсборо коментира дека сето ова создава стрес. Нејзиниот сопруг е сопственик на мал бизнис кој се нашол на удар поради кризата:

-Не ни сакам да ја отворам поштата – којзнае што се` ќе видам во извештаите од нашата банка.

Според најново истражување на Американското здружение на психолози, околу 80 проценти од Американците се под стрес поради парите и економијата. Владиниот план од 700 милијарди долари има за цел да ја поврати довербата во финансиските пазари. Но, најверојатно, за тоа ќе биде потребно време.

XS
SM
MD
LG