Линкови за пристапност

Обама и Мекејн во битка за гласачи во клучните сојузни држави 


Американските претседателски кандидати Барак Обама и Џон Мекејн се фокусираат на економијата во кампањата во клучните сојузни држави, на само еден месец пред изборите.

Обама на собир во Дејтон, сојузната држава Охајо, ја фрли кривицата за економската состојба врз „алчноста и неодговорноста“ во берзанскиот сектор и предупреди дека ќе биде потребно долго време за нормализација на ситуацијата.

Демократскиот сенатор од Илиноис побара владата да преземе мерки против „кредиторите грабливци“. Обама кажа дека измамите во областа на давањето кредити за домување треба да се третираат како криминал, а на даночните обврзници да им се даде можност да добијат дел од бенефициите кога ќе се нормализира ситуацијата на пазарот.

Републиканецот Мекејн од кампањата во сојузната држава Висконсин порача дека Американците се соочени со најголемата финансиска криза во животот. Сенаторот од Аризона рече дека неговиот план за решавање на ситуацијата става акцент на средиштето на проблемот – кризата во индустријата на домување –со тоа што предвидува федералната влада да ги купува деликвентните кредити за домови под хипотека и да ги замени со нови што Американците ќе може да ги отплаќаат.

Според најнова анкета на Галуп, Обама води пред Мекејн со 52 наспроти 41 процент.

XS
SM
MD
LG