Линкови за пристапност

Намалување на каматните стапки – добар потeг, велат претседателските кандидати


Американските претседателски кандидати Џон Мекејн и Барак Обама денес го пофалија координираниот чекор на централните банки во светот за намалување на каматните стапки со цел да се избегне глобална рецесија.

Во соопштение Обама кажа :„Ова е глобална криза што бара глобално решение“. Мекејн, пак, во соопштение рече дека е „императив“ да се обнови довербата во американскиот финансиски систем додека економските превирања се шират низ светот.
И двајцата кандидати се на кампања во држави од каде гласовите се клучни за победа, еден ден по нивната втората телевизиска дебата на која се напаѓаа меѓусебно за финансиската криза.

Обама го обвини републиканскиот ривал за поддршка на дерегулацијата која придонесе до оваа економска криза. Мекејн го отфрли обвинувањето и предложи план од 300 милијарди долари за владата да ги купи лошите станбени кредити.

Дебатата беше шанса за сенаторот од Аризона да ја продаде на гласачите својата економска политика откако истражувањата на јавно мислење покажаа дека финансискиот распад ја зајакна поддршката за неговиот демократски опонент.

Две нови анкети направени после дебата покажуваат дека повеќето испитаници сметаат оти Обама излегол како победник од дебатата.

XS
SM
MD
LG