По едночасовната заедничка средба во седиштето на ОН во Њујорк, посредникот
во македонско-грчките разговори за името Метју Нимиц рече дека со преговарачите
на двете земји разговарал за тоа до каде е процесот и дека им поднел „нова
рамка на идеи" преточени во предлог.
Тој побара владите во Скопје и Атина наскоро да одговорат на предлогот и
најави дека дијалогот ќе продолжи.
Неофицијално, предлогот содржи едно име со географска одредница -
најверојатно „Северна Македонија".
Најавите се дека употребата на ова име е во полза на Македонија, како и
дека тоа не е задолжително, што би значело дека други држави ќе може да ја
ословуваат земјата онака како што претходно решиле. По оваа рунда разговори и натаму е нејасно како предлогот го
третира идентитетот на македонската нација и јазикот.
Нимиц истакна дека нема временски рок до кога очекува одговор од владите во
Скопје и Атина. Тој истакна дека речиси 10 години е вклучен во процесот и дека
не доликува на неговата функција да излезе со предлог од типот – земи или
остави. Немам моќ да поставувам
ултиматуми, потенцираше Нимиц.
- Мислам дека презентирав, чесен,
достоинствен предлог на кој може да се работи, за конечно решение. Останува на двете страни да го разгледаат, и
од аспект на нивниот национален интерес и политика да се изјаснат што е добро
за нив, рече Нимиц.
На прашање дали неусогласенената позиција на македонскиот државен врв на
релација шеф на држава – премиер негативно се одразила на преговарачкиот
процес, Нимиц одговори:
- Внатрешните прашања во една од
земјите - на што алудирате - не влијаат врз мене, затоа што тоа е внатрешна
работа. Мојата задача е да се бавам со
преговорите меѓу две земји, држави во ОН.