Линкови за пристапност

Економската криза во фокус на ТВ-дуелот на американските претседателски кандидати


На втората од вкупно трите дебати, сенаторот Мекејн ја фрли кривицата за кризата врз алчноста и неумереноста во Вашингтон и на Волстрит. На ТВ-дуелот во Нешвил, сојузната држава Тенеси, што се одржа во форма на средба со граѓани кои поставуваа прашања, Обама кажа дека неговиот план за решавање на кризата вклучува земјата да стане енергетски независна, а федералната влада наново да ги уговори условите за лошите кредити со цел да им помогне на Американците да ги задржат своите домови купени на тој начин.

Сенаторот Обама оцени дека САД се наоѓаат во најлоша финансиска криза од времето на Големата депресија, како и дека проблемите се „конечната пресуда“ за пропаднатата економска политика на претседателот Џорџ Буш што ја имала поддршката на Мекејн.

По прашањето за климатски промени, Обама смета дека наредниот претседател мора да инвестира во алтернативни извори на енергија, како сончевата, од ветрот, и нуклеарната. Демократскиот претседателски претендент процени дека лесно би се создале 500 милиони нови работни места за поддршка на новата енергетска економија. Но, Обама предочи дека САД не ќе можат да излезат од енергетската криза преку предложеното нафтено дупчење долж американското крајбрежје. Владата мора да работи со приватните компании за да развијат економски оправдани алтернативни горива што би можеле да се извесуваат во енергетски гладните земји како Кина, рече Обама.

За Мекејн, најдобар начин да се реши енергетската криза е да се инвестира во нуклеарната енергија, а крајбрежното нафтено дупчење е витално за зголемување на понудата и намалување на побарувачката. Републиканскиот кандидат за претседател подвлече дека се дистанцирал од владата на Буш по прашањето за климатски промени, како и дека поднел легислатива за справување со ситуацијата.

Мекејн се обидува да ја намали предноста на Обама во анкетите на национално ниво.


Според најново истражување во една од клучните сојузни држави за крајниот исход - Охајо, Обама добил подобри оценки за економската политика. Истражувањето на Вашингтон Пост и Еј-Би-Си дава предност на Обама со 51 процент пред Мекејн со 45. Според националната анкета на Си-Ен-Ен, пак, соодносот Обама – Мекејн е 53 - 45 проценти – двојно поголем од септември. Но, во анкетата на Ројтерс, Си-спен и Зогби, Обама има предност од само три проценти.



XS
SM
MD
LG