Во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон се одржа
конференција на тема – новите сојузници и новата администрацијата –
приоритетите на релација САД – Централна и Источна Европа. Свои ставовите за
актуелни теми изнесоа главните советници за надворешна политика на
претседателските кандидати, сенаторите Џон Мекејн и Барак Обама.
На конференцијата во Вашингтон, фокусот на
дискутантите беше на инвазијата на Русија врз Грузија и импликациите од потегот
на Москва. Главниот советник за надворешна политика на претседателскиот
кандидат на Републиканците, Џон Мекејн, Кори Шенке, рече дека сенаторот од
Аризона ќе работи на создавање нови пријатели и сојузници и приоритет му е
силна и обединета Европа. Стана збор и за прашањето за името и разговорите меѓу
Македонија и Грција под покровителство на ОН. Проширувањето на НАТО нема
алтернатива, рече советникот на Мекејн:
- Жалосно е што Грција го блокираше
влезот на Македонија во НАТО. Мислам дека ќе бидат добар пријател и сојузник на
САД. Помагањето да се стабилизизра една земја, која има направено мудри одлуки
во изминатите 10-тина години е од наш интерес - таа да стане членка на
Алијансата. Мој личен став е дека Грција треба да се надмине себе си.
Од друга страна, и главниот советник за надворешна политика на
демократскиот претседателски кандидат Барак Обама, Филип Гордон, потсети дека
сенаторот од Илиноис го поддржува процесот на проширување на Алијансата и
најави дека и натаму САД ќе бидат ангажирани на Балканот. САД не треба да
заземат страна во македонско-грчкиот спор за разликите околу името, рече
Гордон:
- Треба да се постигне заемно прифатливо решение за името за двете страни.
Не е во ред САД да се залага за една од страните во процесот, што би се
одразило во поголема нестабилност, наместо со стабилност во регионот.
Обајцата заклучија дека Авганистан, а не Ирак е место каде треба да се тестира сојузништвото во НАТО и дека мора унилатерализмот да се замени со поголема комуникација меѓу партнерите.