Тековната економска криза доминираше на почетокот на едениполчасовната дебата во Сент Луис, сојузната држава Мисури.
Пејлин кажа дека има долго досие на реформист и снижување на даноци како поранешен градоначалник и сегашен гувернер на сојузната држава Аљаска. Таа го опиша републиканскиот канидат за претседател Џон Мекејн како партиски нескротен реформист. Бајден, пак, оцени дека Мекејн пред две недели покажал дека не е во чекор со ситуацијата кога кажал дека основите на американската економија се цврсти. Сенаторот Бајден за себе рече дека има долг стаж на соработка со пратеници од обете партии на многу домашни и меѓународни прашања.
На тема надворешна политика, Пејлин коментираше дека демократите би истакнале знаме за предавање со тоа што се за зацртување на временски распоред за повлекување на американските сили од Ирак. Бајден оцени дека Мекејн „целосно не е во право“ за тоа како да се води војната, за разлика од Обама, кој беше против армиската интервенција.
Пејлин е релативно нов политичар на националната сцена. Таа внесе живост и ги привлече конзервативците во партиски редови откако стана број 2 на републиканското изборно ливче. Но, критичарите го креваат прашањето дали таа, со само еден, се` уште незавршен мандат на гувернер, има доволно искуство да служи како потпретседател, а - според самата природа на функцијата - по потреба и како претседател.
Бајден има над три децении искуство во официјалните кругови во Вашингтон. Но, овој сенатор од Делавеар е склон на вербални испади, а неодамна „се препна“ на американската историја за време на интервју.
Според последните анкети, Обама има значителна предност пред Мекејн. Најмалку три одвоени испитувања на јавното мислење на национално ниво укажуваат дека Обама води пред Мекејн со 7 до 9 проценти.