Линкови за пристапност

Конгресменот Енгел бара Македонија и Грција да најдат компромис „за да продолжиме понатаму со поважни работи“


Не ме прави среќен ветото што Грција го стави на Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт за нејзино членство во Алијансата, вели конгресменот - демократ од Њујорк, Елиот Енгел во кусото интервју за Гласот на Америка на македонски

Енгел верува дека Македонија и Грција имаат капацитет да го надминат спорот:

- Македонија е земја на која би сакал да и` помогнам. Таму имаше проблеми, но ги решаваат. И Грција е важен сојузник на САД. Се надевам дека Грција и Македонија ќе бидат способни да ги разрешат проблемите.

За Енгел, интеграцијата во НАТО е особено важна во контекст на последните случувања на Кавказот и затегнатите односи меѓу Русија и Западот по грузиската епизода. Тој смета дека ЕУ и НАТО имаат обврска кон демократските земји кои сакаат да бидат дел од европското семејство:

- Споровите како овој меѓу Македонија и Грција треба да бидат решени со компромис, за да може да продолжиме понатаму со поважни работи.

Прашан дали може да уследи промена на американската политика во однос на признавањето на уставното име на Република Македонија, без оглед на тоа дали иден претседател на САД ќе биде републиканецот Џон Мекејн или демократот Барак Обама, Енгел вели:

- Тоа е тешко да се каже, затоа што идниот претседател на САД ќе носи одлуки тогаш кога ќе биде избран. Но, мислам дека најголемиот дел од надворешната политика е натпартиски и би очекувал односите меѓу САД и Македонија да продолжат - независно кој ќе биде избран за претседател.


Конгресменот-демократ посочи и дека Македонија има направено голем исчекор изминатите години во вклучувањето на албанската заедница во земјата и изрази надеж дека Македонија и Црна Гора наскоро ќе ја признаат независноста на Косово, затоа што, вели Енгел, таквата нивна одлука како соседи на Косово би би мотивирала и други држави да го сторат истото.

XS
SM
MD
LG