Линкови за пристапност

Црвенковски разговараше со Фрид за името, разочаран од однесувањето на македонската влада


За македонската делегација заврши Генералното собрание на ОН во Њујорк. И претседателот Бранко Црвенковски, и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски заминаа од градот каде добија позитивни сигнали за најгорливите прашања што ја засегаат државата.

Во основа на сите средби главна тема беше спорот со Грција во врска со името. Пред самото полетување за Скопје, претседателот Црвенковски се сретна американскиот помошник-државен секретар Даниел Фрид, кој, според извори од Кабинетот на Црвенковски, побарал да се стори се` што е можно за да се дојде до решение, затоа што тоа ќе води до отворање на вратите за Македонија во НАТО и во ЕУ. САД се заинтересирани и ќе продолжат да бидат инволвирани во процесот, рекол Фрид, додавајќи дека очекува сериозен пристап од двете страни за последниот предлог за името.

Со слична изјава излезе и американската државна секретар Кондолиза Рајс пред средбата со грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани: “Најважно е прашањето да се реши и тоа што е можно побрзо”, кажа таа. “Се обидуваме да помогнеме да се најде решение што ке биде прифатливо за двете страни”.

Во Њујорк продолжи напнатоста на релација македонски претседател – влада: Црвенковски изрази разочараност за однесувањето на владата за време на неговиот престој во Њујорк. Во континуитет доаѓаа дезинформации за настаните на заседанието врзани со средбите и реалните можности за средби на маргините на собирот, рече тој.

Вчера беше и денот кога македонскиот претседател се обрати пред претставниците на земјите-членки на Светската организација во утринскиот ударен термин кога присуството и вниманието се најсилни. Тој ја искористи приликата да се осврне на глобални теми, како што се милениумските цели и нивното незадоволително темпо на исполнување, забавувањето на светската економија и неповолното влијание на климатските промени. Поентата на овој дел беше дека ОН се попотребни од кога и да е порано, затоа што - со негови зборови – „решенијата на проблемите лежат во почитувањето на договорените норми преку соработка и дијалог на рамноправни основи“.

Тој беше оптимист за тенденцијата последниве години во регионот на Југоисточна Европа и на Балканот, што покажува дека коегзистенција е можна.

Црвенковски говореше и за двете највисоки стратешки цели на Македонија - интегрирањето во ЕУ и во НАТО, како поттекст за спорот со името со Грција што создава пречки за Македонија на тој пат. Црвенковски смета дека за разлика од конструктивноста што Македонија ја покажува во тој процес, “другата страна не покажа исто ниво на посветеност кон преземените обврски, што се потврди со флагрантното кршење на Привремената спогодба која двете земји ја потпишаа во 1995-та година. Имено, според тој документ, Република Грција е правно обврзана да не приговара на пријавата за членство на мојата земја во меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации, во кои таа е веќе полноправна членка. Сепак, сосема спротивно на преземените обврски, на НАТО самитот во Букурешт, во април оваа година, Грција приговори на нашата покана за прием во НАТО, условувајќи ја истата со претходно постигнување на взаемно прифатливо решение за спорот. Со таквиот чин сериозно беше поткопана логиката на самите преговори и во исто време, беа дерогирани принципите од Повелбата на ОН. Користејќи ја својата позиција на постојана членка Република Грција, со слична аргументација започна да го опструира и нашето интегрирање во Европската Унија” рече македонскиот претседател.

Црвенковски заврши со оценката дека Македонија, иако заинтересирана за компромис, нема да направи неразумен компромис, затоа што со тоа ќе се дестабилизира државата која сака да ја оствари сосема спротивната цел - евро-атлантска интеграција.

XS
SM
MD
LG