Линкови за пристапност

Одложена средбата Црвенковски - Фрид

  • Лилица Китановска
  • Глас македонски

На маргините на генералното собрание на ОН интензивно се говори за проблемот со името меѓу Република Македонија и Грција. Сепак, вест на денот е одложувањето на средбата меѓу претседателот Бранко Црвенковски и помошникот-државен секретар на САД Даниел Фрид.

Времето на одржувањето на средбата не е соопштено, ниту причините за одложувањето. Напнатоста е голема затоа што и грчката страна има интензивни преговори на истата тема со посредникот Нимиц и со државниот секретар Кондолиза Рајс.

Македонскиот претседател во четврток ќе се обрати на генералното собрание, и тоа во одличен термин - на почетокот на утринската дебата.

Од вестите од регионот - српската делегација поведе иницијатива за расправа за уставноста на отцепувањето на Косово, односно прогласувањето на независност. Дознаваме дека засега има голема поддршка, иако конкретно решение не се очекува за овие неколку дена.

На поширок план за одбележување е и обраќањето на претседателот на Авганистан Хамид Карзаи, кој бараше поддршка за неговата земја во борба против милитантните.

Сара Пејлин, републиканскиот кандидат за потпретседател е хит тука во Њујорк, иако недостапна за новинарите. Се движи со голема помпа наоколу и има бројни средби „еден-на-еден“, со дозвола само на камерите за снимање, што додава на мистериозноста.

XS
SM
MD
LG