Линкови за пристапност

Буш се збогува со Обединетите нации ветувајќи подобрување на американската економија


Во говорот на претседателот Буш пред Генералното собрание доминираше истата тема, анти-тероризам, што е обележје на сите неговите обраќања пред светската организација по нападите на САД во 2001.

Но заради финансиската криза што се надвисна над Њујоршкиот Вол Стрит, на само неколку километри оттука, претседателот ја убеди светската заедница дека неговата администрација е определена да се справи со економската нестабилност што веќе има големо влијание на останатиот дел на светот.

-Минатата недела соопштив решителна акција на федералнсата влада да се справи со коренот на најголемиот дел на нестабилноста на нашите финансиски пазари со купување на неликвидните институции кои влечат надолу и ги ограничуваат нашите кредитни можности. Можам да ве уверам дека нашата администрација и нашиот конгрес заедно работат брзо да ја усвојат легислативата што ќе ја одобри оваа стратегија. Уверен сум дека ќе реагираме во потребната временска рамка.

За тероризмот Буш кажа дека ОН и другите светски организации треба да се фокусираат на превентивна акција наместо на резолуции откако актите на тероризам ќе се случат. Тој кажа дека сите видови на владеење не можат подедналкво да бидат толерирани и рече дека глобалната заедница мора активно да ги предизвикува условите на тиранија и очај што дозволуваат теророт и екстремизмот да цветаат:

-Мултилатералните организации мора да одговорат со силен морален став против тероризмот. Ниедна кауза не може да оправда намерно одземање на невин живот. И меѓународната заедница се ближи кон универзална спогодба за оваа вистина. Големо мнозинство на државите во ова собрание сега се согласни дека тактики на самоубиствени бомбашки напади, земање заложници и киднапирања никогаш не се легитимни.

Претседателот Буш кажа дека какви и да се несогласувањата меѓу државите во врска со американската инвазија на Ирак во 2003, сите тие треба да го поздрават напредокот во земјата кон стабилност и мир и заеднички да застанат во помагање на ирачката демократија да успее.

Слично на тоа, тој поттикна на поддршка на напорите за демократски развој на Авганистан, Либан, палестинските територии, Украина и Либерија меѓу другите, и повика на солидарност со народот на Грузија, каде, како што рече, руската инвазија во август ги прекрши фундаменталните принципи на ОН:

-Повелбата на ОН зборува за правото на еднаквост на нациите без оглед на големината. Руската инвазија на Грузија беше прекршување на тие зборови. Младите демократии во светот гледаат да видат како ќе одговориме на тестот. САД работат со своите сојузници во мултилатерални институции како ЕУ и НАТО за одржување на грузискиот територијален интегритет и обезбедување на хуманитарна помош, и нашите нации ќе продолжат да ја поддржуваат демократијата на Грузија.

Буш ја нагласи американската помош во милијарди долари за време на неговиот мандат, за борба против сида-та, хив-вирусот и маларијата во Африка и насекаде во светот, и ги поттикна другите држави да ги исполнат ветувањата на ОН и Глобалниот фонд за борба против овие болести.

Тој исто така се заложи за обнова на напорите да се урнат трговските бариери , велејќи дека неодамнешниот прекин на разговорите од Доха за намалување на светските тарифи е разочарувачки, но дека тоа не е последното на овој план.

XS
SM
MD
LG