Линкови за пристапност

Стручњаците и американските граѓани загрижени дека кризата ќе потрае


Дел од стручњаците сметаат дека најголемата економска криза во САД уште од времето на Големата депресија ќе продолжи поради создадената клима на паника меѓу инвесторите. И меѓу американските граѓани владее загриженост за иднината.

Некои туристи околу Белата куќа вчера имаа и друго на ум освен обиколката на знаменитостите на Вашингтон. Рид Колиер, кој има 58 години, вели дека поради кризата веќе изгубил многу од заштедата за пензиски денови:

- Најверојатно 30 до 35 проценти од заштедата за пензионирање што беше инвестирана во различни акции.

Во Белата куќа, пак, претседателот Џорџ Буш се консултираше со економските советници, по што порача:

- Американците може да сметаат дека ќе продолжиме да реагираме за да ги зајакнеме и стабилизираме финансиските пазари и да ја подобриме инвестиционата доверба.

Главните централни банки во светот приливаат милијарди долари во банкарскиот систем за да спречат поголема криза. Па сепак, како што луѓето во финансиската индустрија во Њујорк ги расчистуваа своите канцелариски маси откако ја загубија работата, многумина се загрижени за иднината.

- Ова е голема работа. Ситуацијата застрашува. Луѓето губат нерви поради своите финансии, вели Брук Торп, која е загрижена како обичен американски потрошувач.

Многумина инвеститори набрзина купуваат артикли како злато или супер-безбедни хартии од вредност на Министерството за финансии. Инвеститорот Денис Ролинс со загриженост гледа на иднината:

- Мислам дека ќе стане уште полошо - многу полошо, пред да се подобри ситуацијата. Како што сега се одвиваат работите, тоа нема да се случи скоро.

Финансиските аналитичари предвидуваат дека САД навлегоа во раздобје кога тешко ќе се даваат кредити, што може негативно да се одрази на се` - од заемите за школување, па се` до плановите за пензионирање.

XS
SM
MD
LG