Американскиот претседател Џорџ Буш најави дека
владата ќе продолжи да ги стабилизира финансиските пазари потресени од глобална
криза. Истовремено, главните централни
банки во светот здружија сили во обид да ја вратат довербата на инвеститорите.
Буш вчера откажа два политички настапи и наместо тоа се
состана со економските советници во Белата куќа по повод кризата во
американскиот финансиски сектор.
- Американците се загрижени за ситуацијата на
финансиските пазари и нашата економија.
Јас ја делам таа загриженост, изјави Буш по состанокот.
Владата веќе презеде контрола врз двете најголеми
компании што даваат кредити за домување, Фреди Мек и Фени Меј. Интервенираше и за да ја спаси и најголемата
осигурителна компанија во светот Американ интернешенал груп – АИГ, со заем од
85 милијарди долари. Нејзиниот колапс,
рече Буш, ќе доведеше до големо попречување на финансиските пазари и ќе ги
загрозеше останатите економски сектори.
Користењето пари од даночните обврзници за спас на вакви
компании е најдиректниот, но не и единствениот начин на кој извршната власт
интервенира во случај на економска криза.
Претседателот Буш нешто порано годинава издејствува Конгресот да даде
зелено светло за пакетот економски поттици со кој голем број Американци добија
даночно враќање, а бизнисите поволности да инвестираат во нова опрема.
Американските претседатели влијаат на пазарите
преку регулаторна политика и на начинот на кој ги трошат јавните средства, при
што тоа или ги охрабрува, или пак ги одвраќа бизнисите да направат слични
инвестиции. Претседателите исто така
влијаат на економијата преку јавна политика.
Претседателот Буш, на пример, вели дека Конгресот може да помогне на
економијата со тоа што би ги усвоил договорите за слободна трговија со
Колумбија, Панама и Јужна Кореја, за да им помогне на американските бизниси да
продаваат повеќе добра во странство.
Буш сака и да го прошири американското крајбрежно нафтено дупчење, за
кое вели дека на крај ќе доведе до намалување на цените на енергенсите.
Претседателите директно не влијаат на монетарната
политика, бидејќи американската централна банка - Американските федерални
резерви - претставуваат независно тело.
Федералните резерви се приклучија на централните банки на други земји во
приливот на милиајрди долари во глобалните финансиски пазари, во надеж дека тоа
ќе ја поврати довербата на инвеститорите и ќе ги охрабри банките да позајмуваат
пари меѓу себе.
Претседателот Буш вели дека тоа е суштински чекор за
обезбедување дополнителна способност во платежни средства во американскиот
финансиски систем:
- Тоа е неопходен и важен чекор во време кога
пазарите се прилагодуваат. Нашите
финансиски пазари и натаму се пред сериозни предизвици. Како што покажавме од неодамнешните потези,
мојата влада е решена да се справи со тие предизвици. Американците може да сметаат на тоа дека ќе продолжиме да
реагираме за да ги зајакнеме и стабилизираме финансиските пазари и да ја
подобриме инвестиционата доверба.
Американската економија претрпе удари како резултат на
кризата во индустријата на домување и високите цени на енергенсите и
прехрамбените артикли. Според анкетата
на вестите на ТВ-мрежата Си-Би-Ес и весникот Њујорк тајмс, економијата и
работните места се главните грижи на речиси половина од гласачите на
претстојните претседателски избори во ноември.