Линкови за пристапност

Буш: Нападот во Јемен - потсетник дека САД се во војна


Нападот извршен пред Американската амбасада во Јемен е потсетник дека САД се` уште се во војна против екстремистите, вели претседателот Џорџ Буш.

Исламската милитантна група која самата се нарекува Исламски Џихад во Јемен презеде одговорност за вчерашниот напад со автомобили-бомби пред американското дипломатско претставништво во јеменскиот главен град Санаа, во кој загинаа најмалку 16 лица. Групата се закани и дека ќе изврши нови напади. Властите велат дека меѓу мртвите се шесторица јеменски војници и шесторица напаѓачи. Според извештаите, меѓу загинатите нема Американци.

Буш во изјавата од Белата куќа изрази сочувство на семејствата на загинатите.

- Една цел на ваквите екстремисти е да убиваат, да се обидат да причинат САД да ги загубат нервите и да се повлечат од региони во светот. Нашата порака е дека сакаме да им помогнеме на земјите да ги победат екстремистите, луѓето да живеат нормален живот, децата да растат во мирни услови, за да можат да ги остварат надежите и соништата за подобар свет, порача американскиот претседател.

Портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак го окарактеризира нападот како неуспешен обид да се пробие безбедноста околу амбасадата. Без оглед на тоа што друга група ја презеде одговорноста, тој посочи на Ал-Каида:

- По раговорот со безбедносниот персонал, мислам дека може да се каже дека нападот ги има сите црти на напад на Ал-Каида: не една, туку повеќе експлозивни направи пренесувани од возила, помош од напаѓачи од страна, обид да се пробие безбедносниот обрач и да се влезе внатре, за да се направи дополнителна штета и убијат уште повеќе луѓе.

Исламски екстремисти последниве години извршија неколку напади врз американски цели во Јемен. Во април, Стејт департментот нареди дел од дипломатскиот персонал што не е најнеопходно потребен да замине од Јемен, по нападот на милитанти врз стамбен комплекс и нападот на Ал-Каида чија цел беше Американската амбасада. Најкрвавиот напад против американски интереси во Јемен се случи во 2000-та, кога глисер со експлозив удри во бродот Ју-Ес-Ес Кол во пристаништето Аден, при што загинаа 17 морнари.

XS
SM
MD
LG