Линкови за пристапност

Симон Трпчевски со концерт во ОН по повод завршувањето на македонското претседавање со Генералното собрание на ОН


Македонија преку својот дипломат Срѓан Керим како претседавач 62-рото Генералното собрание на ОН една година беше на чело на ова тело на Светската организација. Во таа чест, минатата недела во Њујорк концерт одржа познатиот пијанист Симон Трпчевски.

По повод затварањето на 62-рото Генерално собрание и претседавањето на амбасадорот Срѓан Керим, во седиштето на ОН во Њујорк се одржа свеченост. Генералниот секретар Бан Ки-мун му оддаде признание на Керим за работата во изминатата година, истакнувајќи дека ги надминал сите очекувања – помогнал да се создаде импулс за климатските промени пред клучните разговори на таа тема во Бали, каде, вели Ки-Мун, бил постигнат напредок што претходно се чинише за невозможен.

На церемонијата рецитал одржа прославениот македонски пијанист Симон Трпчевски, изведувајќи дела на Брамс, Рахмањинов, но и од домашните автори - Глишиќ, Шуплевски.

Со концертот во ОН, маестро Трпевски ја започна новата концертна сезона. За 10-тина дена ќе замине за Бирминген, Велика Британија, каде има настап со тамошниот оркестар. Следат концерти во Швајварија, Шкотска, Белгија.

- Се разбира дека ваквата специјална пригода во ОН имаше дополнителна инспирација за мене. Реакцијата беше одлична. Како и што реков кога се обратив до присутните - овој блок на македонска музика ќе биде мотивација за сите кои не ја посетиле Република Македонија - да повелат и да видат од каде доаѓаме, која е нашата историја и корени, какви луѓе сме.

Македонија и годинава продолжува со интензивна промоција на културните вредности и традиции во странство - подвлече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во изјавата за Гласот на Америка:

- Во средината на ноември ке имаме презентација на македонската култура во Вашигнтон. Интензивно сме во подготовки. Ќе бидат опфатени повеќе сегменти од македонската култура – ќе има изложби, концерти, прикажување на македонски филмови.

Со бравурозниот концерт на Трпевски заврши македонското претседавање со 62-тото Генерално собрание на ОН. Следен претседавач е Никарагва.

XS
SM
MD
LG