Банкротирањето на Леман Брадерс - една од главните американски инвестициони
банки вчера го преокупира вниманието на американската јавност, а се одрази и на
берзите ширум светот, каде завладеа нервоза поради проблемите во американскиот
финансиски сектор.
Во забрзаното тргување, индексите на некои главни европски акции паднаа и
по 5 проценти, а некои американски за околу 3.
Претседателот Буш рече дека е свесен дека многумина Американци се загрижени
за ситуацијата и подвлече дека неговата влада работи на тоа да ги намали пoпречувања
на економскиот тек:
-Краткорочно,
прилагодувањето во финансиските пазари може да биде со проблеми за луѓето
загрижени за своите инвестиции и вработените во погодените компании. Долгорочно, јас сум убеден дека нашите пазари
на капитал се флексибилни и отпорни и дека ќе можат да се справат со
прилагодувањата.
Леман Брадерс - на
времето четврта најголема инвестициона банка во САД - вчера објави банкрот
откако пропаднаа обидите да добие потребна готовина. Веста дојде во исто време кога најголемата осигурителна компанија
во САД, Американ интернешенал груп, наводно побарала заем од Американската
централна банка. Банката Бенк оф
Америка, пак, ја купи американската инвестициона и брокерска компанија Мерил
Линч за околу 50 милијарди долари.
Директорот на Бенк оф
Америка Кен Луис на зделката гледа како на голема можност:
-Добивме можност да креираме врвна компанија за финансиски услуги во светот. Така ќе одиме напред. Сметаме дека ова е стретешка можност што еднаш се укажува во животот.
Леман Брадерс и
Мерил Линч имаа проблеми поради лоши инвестиции во хартии со вредност од
хипотеки и други проблеми.
Нешто порано месецов,
американската влада презеде контрола врз Фени Меј и Фреди Мек – двете најголеми
компании што даваа кредити за домување.
Пред шест месеци, пак, помогна на Беар Стернс, уште една голема
инвестициона банка што беше купена од банката Џеј Пи Морган Чејс.
Џим Полсен од
инвестиционата советодавна компанија Велс Капитал од Минеаполис е меѓу оние
аналитичари кои ја поздравија одлуката на владата, поточно на Државната
благајна да не интервенира понатаму и да даде пари од даночните обврзници за
помош на Леман Брадерс:
-Отстрануваме проблеми што беа
пречки на пазарот, во смисла на довербата и расположението. Леман Брадерс претставуваше проблем – сега е
отстранет. Мерил Линч е преземена. Не е се` така лошо.
И американските
претседателски кандидати вчера се бавеа со проблемите во финансискиот
сектор. Обајцата ветуваат дека ќе
извршат реформа на владините регулаторни тела за да спречат нова серија на
колапси на банките. Републиканецот Џон
Мекејн рече дека ќе го замени „застарениот регулаторен систем што само ја крпи
ситуацијата“ со нов, што би бил потранспарентен. Демократот Барак Обама смета дека сегашната криза е најсериозна
по онаа од времето на Големата депресија, како и дека владината политика ја
уништила заштитата за потрошувачите, ја олабавила контролата и регулативата и охрабрила
големи бонус-примања за извршните директори на големите корпорации.