Линкови за пристапност

Најново од преговорите во Њујорк: модифициран сет на идеи

  • Глас македонски

Њујорк, 12 септември, 2008-ма - На вчерашната средба на македонскиот и грчкиот преговарач со Метју Нимиц, медијаторот презентирал, како што вели, модифициран сет на идеи. Дипломатите не кажаа за какви идеи се работи, но рекоа дека низата предлози на Нимиц се однесуваат на употребата на уставното име, името на јазикот и на нацијата.

Надвор од вообичаената пракса, во адвокатската канцеларија на посредникот во македонско-грчкиот спор за името во Њујорк, најпрво се одржа заедничка, а дури потоа и одделни средби со преговарачите од Скопје и Атина.

Посредникот Нимиц излегол со ревидиран пакет идеи за решението за името, базиран на неговиот последен сет идеи кој содржеше осум имиња на варијации на Горна и Северна Македонија. На заедничката средба, медијаторот побарал двете страни сериозно да ги разгледаат неговите идеи, кои, како што самиот Нимиц кажа, не се формулирани како конкретен предлог:

-Како што знаете изнесов идеи во минатото, а денеска изнесов ревидирани идеи и побарав сериозно да ги разгледаат како рамка за решение на проблемот. Тие ќе ги разгледаат и ќе им одговорат. Се надевам дека ке се видиме за неколку недели.


Прашан дали изнел нов преглог, Нимиц одговори:

-Терминот предлог во последно време доби призвук што сакам да го избегнам. Станува збор за сет идеи што можат да бидат структура за решение. Лично сметам дека има основа за чесно и конструктивно решение.


Медијаторот не сакаше да зборува за конктерни имиња, но потврди дека дел од неколкучасовните разговори биле и прашања за македонската националност, јазик и употреба на придавката - македонски.

Дали е задоволен од средбата, го запрашавме грчкиот преговарач Василакис:

-Вие нема да се поместите од позициите, ние нема да се поместиме од позициите, затоа треба да дојдеме до компромис што ке ни овозможи нормално да живееме.

Иако најавена, можноста за продолжување на разговорите за денеска во Њујорк – отпадна.

Македонската страна е уште повеќе заинтересирана за последните насоки на медијаторот Нимиц – дека ќе се преговара без задирање во прашањето на идентитетот на јазикот, односно само за името.

Како отворена останува можноста прашањето за името дополнително да се актуелизира на маргините на 63-тото Генерално собрание на ОН, кое почнува за помалку од две недели.

XS
SM
MD
LG