Линкови за пристапност

Споменикот  во Пентагон посветен на засекогаш променетиот свет


На гајда беше свирена химната од музичар кој полека шеташе меѓу дрвјата и клупите поставени таму по повод настанот за да се приклучи на воен оркестар на сцената подигната за церемонијата.

Свеченоста почна со читање на имињата на лицата загинати во Пентагон и на авионот што се урна во зградата.

Меѓу оние од авионот, цело семејство.

Церемонијата во Пентагон се одвиваше едновремено со слични свечености на местата каде беа другите напади – во Њујорк и во Пенсилванија.

Во Пентагон, претседателот Буш кажа дека новиот споменик ќе биде вечен потсетник за идните генерации за тоа што на тоа место се случило, настан, за кој тој кажа дека засекогаш го променил нашиот свет.

-Секој што ќе го посети овој споменик ќе научи дека 21от век започна со голема борба меѓу силите на слободата и силите на теророт. Ќе научи дека оваа генерација Американци одговорила на предизвикот. Дека не се уморивме, дека не се двоумевме и дека не потфрливме. Ќе научи дека слободата преовладала зашто копнежот по неа живее во срцето на секој маж, жена и дете на земјата.

Претседателот кажа дека луѓето исто така треба да запомнат дека во годините кои уследиле по нападот правдата ги стигнала злите кои тие напади ги планирале.

Секретарот за одбрана Роберт Гејтс исто така ги поврза нападите и споменикот со тековната глобална војна против тероризмот.

-Вистината која опстојува во пепелот е оваа – 184те лица не се заборавени. Другите кои загинаа во Њујорк и Пенсилванија не се заборавени. И ние како нација нема да се покориме на оние кои толку сурово ги одзедоа од нас.

И неговиот претходник, Доналд Рамсфелд, кој беше секретар за одбрана во времето на нападите кажа дека е важно да се запомнат оние кои беа инволвирани во странски војни.

-Денес ги обновуваме нашите заклетви никогаш да не заборавиме како започна оваа долга борба, и никогаш да не ги заборавиме оние кои први при тоа загинаа. Тие паднаа еден до друг, како Американци. И нека нема заблуда, тоа беше зашто Американци беа тие што овде загинаа, на ова место.

Споменикот е на новоизградената страна на Пентагон што беше уништена од грабнатиот авион пред седум години. Клупа, малечок базен, и дрво – меморизираат секоја од жртвите, распоредени според возраста, од најмладата – 3 години, до најстарата – 71.

Еден од дизајнерите е Кит Кејсман.

-Тоа треба да биде место како никое друго, едноставно затоа што тоа беше ден како ниеден друг. Треба да има поединечна и колективна природа, и што и да саката правете, но не давајте рецепти како и што да се чувствува.

Кети Дилабер работела во Пентагон тој ден. Таа преживеала, но нејзината сестра Пети била убиена.

-Би сакала овој споменик да не постоеше, но постои. И тоа е тоа – затоа сакам да и оддадам почит на Пети и да се потсетам на многу од моите колеги кои загинаа. Тие беа исклучително добри луѓе.

Посетителите на споменикот буквално можат да се движат по патеката на авионот на Американ Ерлајнс број 77. Може да ги читаат имињата на убиените и да застанат крај клупите во нивна чест. И може да погледнат во обновениот ѕид на западната страна со огромно американско знаме што се вее од покривот – токму како она што спасувачките работници го поставија додека огнот сеуште гореше, пред седум години.




XS
SM
MD
LG