Линкови за пристапност

Ураганот Густав го крои распоредот на Националната конвенција на републиканците


Сент Пол, Минесота, 1-ви септември 2008-ма.

Џон Мекејн поради ураганот Густав што го погоди јужното американско крајбрежје долж сојузната држава Луизијана ги откажа сите активности на отварањето на Конвенцијата.

- Ова е време кога треба да ја надминеме партиската политика и да реагираме како Американци, рече сенаторот од Аризона.

Спроти почетокот на четиридневниот собир на кој и официјално треба да ја прифати номинацијата за кандидат за претседател на САД од редовите на републиканците, Мекејн ја презема улогата на загрижен потенцијален претседател определен да ги надмине грешките што ги направи претседателот Буш при ураганот Катрина што разорно го погоди Њу Орлеанс.

- Очекувам да не ги повториме истите грешки од пред 3 години, рече Мекејн.

Иако најавени во програмата, претседателот Џорџ Буш и потпретседателот Дик Чејни ги откажаа плановите да имаат свои говори на отварањето на Конвенцијата, а многу делегати заминаа дома, во сојузните држави погодени од ураганот.

Според Рик Дејвис, менаџерот на кампањата на Мекејн, првиот ден од програмата ке биде скратен од седум на два часа. Сопругата на Мекејн Синди и првата американска дама Лора Буш вечерва ќе се обратат на Конвенцијата, каде ќе говорат за хуманитарните акции за отстранување на последиците од урагани, а и ќе побараат директна помош и донации. Мекејн дури остави можност говорот со кој ќе ја прифати номинацијата, наместо од подиумот во спортскиот центар Ексел во Сент Пол, да го даде преку сателитска врска од погодениот регион. Засега останува непотврдено дали Мекејн и воопшто ке пристигне во Сент Пол поради презафатеност со ангажманот – како најдобро да и` помогне на нацијата во време на природна непогода.

Животно мото на сенаторот Џон Мекејн - љубовта кон татковината е уште еден начин да ја изразиш љубовта кон сонародниците - се чувствува во кулоарите на големата сала што е дом на хокеарскиот тим од Професионалната Лига – Минесота Валјдс.

39-тата Републиканска национална конвенција ќе привлече повеќе од 45.000 посетители во Минесота, а градовите Сент Пол и Минеаполис, кои се еден до друг, и еден вид на ко-организатори, ќе инкасираат повеќе од 160 милиони долари во градските каси. Настанот почнал да се планира во 2006-та.

Жители од Сент Пол велат - ова е шанса каква што се пружа еднаш во животот. Потенцираат дека кај нив повторно се одржува политичка конвенција по 116 години. Последен пат, Републиканската национална конвенција се одржала во Минесота во 1892-ра. Републиканците тогаш го номинирале претседателот Бенџамин Харисон за неговиот втор мандат, но на директните избори во ноември загубил од демократот Гровер Кливленд.

Околу 10.000 локални жители се акредитирале да бидат волонтери за Конвенцијата. Велат - не се работи само за политичка припадност - нивниот град ќе биде средиште на националната и меѓународна политика во наредните неколку денови.

За дополнително обезбедување на и околу Конвенцијата во Сент Пол се издвоени 50 милиони долари федерални пари. Федералниот изборен фонд на тоа додаде уште 17 милиони долари. Сите хотели се веќе резервирани, дури и резервациите за рестораните брзо се пополнуваат.

Дали ова ќе биде една од најдобро организирираните конвенции - во голема мерка зависи од обезбедувањето, затоа што се очекуваат масовни демонстрации. Минеаполис испрати 550 полицајци да се приклучат на 500-те колеги од Сент Пол. На помош пристигнуваат и полицајци од други американски градови – вкупно ќе ги има 3.500 на располагање.

XS
SM
MD
LG