Линкови за пристапност

Ураганот Густав удри југоисточно од Њу Орлеанс


Ураганот Густав допре до крајбрежјето на американската сојузна држава Луизијана, југоисточно од Њу Орлеанс. Американскиот национален центар за ургани јави дека центарот на невремето минал близу местото Кокодри, на околу 110 километри југоисточно од Њу Орлеанс.

Ветриштата на Густав се со брзина од 175 километри на час. Се очекува невремето да спласне како што натамошно се движи над копното, но и да донесе до половина метар дожд во одделни области.

Властите очекуваат поплави во ниските подрачја, а има извештаи и за торнада. Брановите удираат во браните околу Њу Орлеанс што го штитат градот од поплави, и навидум досега не попуштиле. Иако властите велат дека Њу Орлеанс избегнал директен удар, сепак предупредија дека Густав би можел да ги оштети браните на западниот дел од градот. Околу два милиона луѓе или 95 проценти од жителите на загрозеното подрачје веќе ги напуштиле домовите. Многу делови се без електрична енергија, а според видео снимките од загрозеното подрачје, некои згради веќе претрпеле оштетување од ветрот.

Пред три години, ураганот Катрина ги проби браните во Њу Орлеанс и поплави 80 проценти од градот, при што загинаа над 1.400 лица, беше причинета штета во износ од милијарди долари, а федералната влада и властите на ниво на сојузни држави и на локално ниво беа жестоко критикувани дека не биле подготвени за катастрофата. Федералните власти задолжени за помош во вонредни ситуации велат дека овојпат веќе префрлиле итна помош и персонал на локации околу загрозеното подрачје. Националната гарда е на штрек во Њу Орлеанс, подготвена за спасувачки операции откако ќе помине невремето. Исто е и со полицијата. Во градот владее полициски час, за да се спречи ограбување.

Минатата недела Густав мина над Јамајка, Хаити и Доминиканската Република, однесувајќи најмалку 86 животи. Невремето нанесе штета во Куба, но таму немаше извештаи за загинати.

XS
SM
MD
LG