Линкови за пристапност

Експерти велат дека американските избори наликуваат на референдум за Обама


Демократите и официјално го испратија Барак Обама во поход на Белата куќа. Републиканците и нивниот кандидат Џон Мекејн се подготвуваат за истото на партиската конвенција што ќе започне во понеделник во Минеаполис – Сен Пол, сојузната држава Минесота. Барак Обама беше во фокусот на вниманието на Демократската конвенција оваа недела во Денвер, но истото планираат да го сторат и републиканците на нивниот собир.

По сите говори на конвециите, политичките напади, спектакли со балони, конфети и специјални гости – претседателските избори се сведуваат на едноставен избор – демократот Барак Обама или републиканецот Џон Мекејн.

Политичкиот експерт Стујарт Ротенберг фрла поглед на изборите по партиските конвенции:

- Навистина мислам дека изборите и натаму се за Барак Обама. Желбата за промена во земјата е силна, и доколку сенаторот Обама успее да ги убеди повеќето Американци дека е искусен, разумен и доверлив лидер, мислам дека ќе ја пробаат среќата со него. Засега, ја нема завршено работата докрај.

Дури и за време на Демократската конвенција во Денвер, републиканците чинеа се` што можат да фрлат сомнеж на политичкото искуство на Обама, способноста да ја води земјата и да биде врховен командант.

- Сенаторот Мекејн ќе не` држи во офанзива во војната против тероризмот, а со тоа ќе не заштити. Сенаторот Обама ќе не` стави во дефанзива, а тоа посекако не е безбедна систуација за САД. Недоволното познавање на Обама за надворешната политика е сериозна грижа, вели поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани.

Поранешниот претседател Бил Клинтон возврати на тоа во име на Обама:

- На времето победивме во тешка кампања во која републиканците тврдеа дека јас сум бил премногу млад и неискусен за да бидам врховен командант. Ви звучи познато? Тоа не успеа во 1992-ра затоа што ние бевме на вистинската страна на историјата, а нема да успее ни во 2008-ма бидејќи Барак Обама е на вистинската страна на историјата!

Експертот Стјуарт Ротенберг очекува цела недела напади врз Обама на Републиканската конвенција во Минеаполис – Сен Пол:

- Во крајна линија, иако трката е тесна и Џон Мекејн би можел да победи, Барак Обама има мала предност. Затоа Мекејн мора да продолжи да врши притисок врз Обама.

Повеќето експерти се согласни дека економија ќе биде главно изборно прашање годинава и во моментов му даваат предност на Обама во тој поглед. Најновите анкети покажуваат дека Обама и Мекејн практично водат мртва трка за Белата куќа, на помалку од 10 недели до изборниот ден на 4-ти ноември.

XS
SM
MD
LG