Линкови за пристапност

Денвер 2008-ма:  Надворешната политика на Обама е нова и ќе ја направи Америка побезбедна

  • Лилица Китановска
  • Денвер
  • Колорадо

Среда, 27-ми август 2008-ма. Секој ден, Демократската конвенција во Денвер оди со нова тема. Денешната е "Обезбедување на иднината на Америка".

Идејата е да се покаже дека Барак Обама нуди нова и цврста надворешна политика, што не е ниту демократска, ниту републиканска, туку силна и мудра американска надворешна политика што ќе ја направи земјата побезбедна и ќе ги реализира американските интереси во светот.

Вечерниот дел на Конвенцијата во среда е резервиран за оние кои дааваат одглас на визијата на Обама за посилна и побезбедна Америка. Главниот говорник ќе биде кандидатот за потпретседател - сенаторот Џо Бајден. Сигурно, ќе биде големо вниманието и за поранешниот претседател Бил Клинтон. Во Денвер почнаа да се шират гласини дека тој не бил задоволен со третманот на Конвенцијата. Неговите соработници ги демантираат.

За што ќе зборува Бил Клинтон? Му било сугерирано - за економијата и за безбедноста, но како што изјави едно лице од организациониот тим задолжен за навремено дистрибуирање на транскрипти и прелиминарни извадоци - не се знае и нема да се знае до последен момент. Говорот ќе дојде заедно со него, вели лицето.

Меѓу другите говорници ќе бидат поранешниот сенатор Том Деш`л, гувернерот на Ново Мексико Бил Ричардсон, сенаторите Џон Кери, Хари Рид и други, на овој или оној начин поврзани со безбедноста.

Од досега виденото во Денвер, се чини дека големата дилема од почетокот на оваа конвенција - дали стратегијата ќе биде напаѓачка - против Џон Мекејн, или промовирачка - за Барак Обама, веќе не постои. Извори блиски на кампањата на Обама велат дека се` уште преовлаува ставот дека има потреба од претставување на Обама на гласачите и дека тој треба да покаже дека има намера да ги води. Тонот е главно помирувачки. Ова најдобро го сумираше конгресменот Џеси Џексон, објаснувајќи зошто Обама не треба да прифати напаѓачка тактика. Не дека не може да биде добар во тоа, туку дека тоа нема да му донесе ништо добро, затоа што "никој не сака лут афро-Американец во Белата куќа". Тоа, се разбира, не важи за другите говорници на Конвенцијата.

Од другите аспекти на овој собир најмногу внимание предизвикуваат протестите, кои, со мали исклучоци, не се жестоки. Во Денвер се шегуваат дека во градот е можеби премногу топло, или пак демонстрантите не се доволно загреани. Во секој случај - под очекувањата. Голем фактор може да е и полицијата што прави Пепси – центарот, каде се одржува Конвенцијата, да биде како изолирана тврдина. Околу објектот вчера беше додаден уште еден, надворешен периметар на контролирана пешачка зона, што прави излегувањето и влегувањето од Конвенцијата да биде вистинска, физички напорна и временски конзумирачка авантура.

XS
SM
MD
LG