Линкови за пристапност

Шоу на партиска обединетост на - Националната конвенција на демократите


Првиот ден на Националната конвенција на Демократската партија беше за Барак Обама и неговата животна приказна, како и за емоционалниот сегмент на Кенедиеви.

Во вторник конвенцијата се врти кон секојдневните грижи на Американците.

Прашањето број еден е економијата, а темата гласи "Обнова на американското ветување".

Сенаторот Хилари Клинтон ќе биде главниот говорник.

Многумина на нејзиното обраќање гледаат како на критично важен говор заради општо познатата вистина дека нејзините поддржувачи остануваат неубедени од Обама. Тонот што таа ќе го постави и нејзиниот избор на зборови ќе испрати силна порака.

Марк Ворнер е вториот голем играч во вторник.

Тој е поранешен гувернер на Вирџинија и се бори да го освои местото на Џон Ворнер во сенатот, (нема никаква роднинска релација меѓу нив), и тоа е голема работа за оваа традиционално републиканска сојузна држава. Колкаво е значењето на овој говор може да се заклучи од историјата што е многу речита. Сенаторот Барак Обама пред четири години говореше во истиот тој термин на Конвенцијата на демократите што се одржа во Бостон.

Се очекува Хилари Клинтон да одговори за можноста од вистинско обединување на партијата по мошне разединувачката претседателска кампања. За нешто подоцна во текот на денот, но секако пред нејзиниот вечерашен говор, планиран е голем марш на нејзините поддржувачи во центарот на Денвер. Нејзиното име ќе биде формално поставено на гласање за номинација, што е резултат на добра волја на кампот на Обама кој пред десетина дена се согласи на тоа за да ги смири жестоките поддржувачи на Хилари кои бараа да биде регистрирана нивната поддршка за сенаторот од Њујорк. Сепак, ова е само симболично и нема да има влијание на номинацијата на Обама. Технички објаснето, гласовите на делегатите дадени за неа таа сепак ќе ги префрли на Обама. Што ќе каже Хилари Клинтон и како на тоа ќе се надоврзе нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон, е клучно за обединувањето на партијата, што
може да го направи или уништи демократскиот кандидат на овие избори. Затоа, основата на која се гради оваа конвенција е - Обама да зборува за себе, а другите да зборуваат против неговиот конкурент. До која мерка да се појде во однос на второто, исто така е чувствително прашање.

Меѓу поважните спорадични настани за овие два дена се собирите на жените. Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес е лидер на собирот наречен "Американските жени прават Америка да функционира". Панел од говорници - жени ќе се изјаснат за тоа што прават жените да се придвижи Америка во нова насока.

Во понеделник беа објавени и резултатите од најново телефонско истражување на јавното мислење, изведено претходната ноќ, на Си-Ен-Ен и Opinion Research Corporation за тоа како стојат работите за Обама во однос на Џон Мекејн, откако Обама го именуваше Џо Бајден за потпретседателски кандидат: сосема изедначени се.

Обама се` уште не е во Денвер, а во понеделникот имаше само сателитско појавување по говорот на сопругата Мишел.

Предизвикот на оваа конвенција станува дотолку поголем, а нервозата поинтензивна во демократскиот табор, затоа што испитаниците кажале дека за нив Обама е поголема непозната отколку Џон Мекејн. Но, Бајден е дефинитивно добар избор за партнер на гласачкото ливче - така одговорило мнозинството, иако 38 отсто од испитаниците цврсто стојат на мислењето дека сенаторката Клинтон би била подобар кандидат од Бајден. Освен тоа, и покрај сите напори, се чини дека паѓа поддршката од клинтоновите симпатизери за Обама. Кон крајот на минатиот месец 75 проценти рекле дека ќе гласаат за Обама откако Клинтон ја напушти трката, но сега тој процент е 66.

XS
SM
MD
LG