Подемот во користењето на енергијата од ветрот ја
менува ситуацијата во некои делови на САД каде се` до вчера владееше економска
депресија.
На полињата што некогаш раѓаа само пченка или
грав, сега се врши нов вид на жетва – на ветрот. Големи ветерници во сојузната држава Минесота - секоја од нив
повисока од Статуата на слободата во Њујорк - го претвораат речиси постојаниот
прилив на ветар во електрична енергија.
Нил Вон Олен е меѓу 100-те земјоделци во Минесота
кој сега користи дел од своето земјиште за производство на енергија од
ветрот:
- Ветрот тука е 28 километри на час, 24 часа на ден,
цела година.
Вон Олен вели дека земјоделците го изнајмуваат земјиштето на компании специјализирани за енергија од ветрот, кои им плаќаат по четири илјади долари по ветерница, плус дел од енергијата што се претвора од ветрот. Со 67 турбини во изградба, ќе има доволно енергија за напојување на 30 илјади дома.
- Дефинитивно начин да го здебелите свото салдо, коментира Вон Олен.
Ветрот создава нови работни места, ја заживува
економијата.
Џејк Хансен купил куќа и нов автомобил со парите
заработени на фарма на ветер:
- Ни овозможи да живееме добар живот во област во која
немаше многу можности.
Во Рокпорт, Мисури, енергијата од ветрот го напојува
целиот град, а носи приход од даноци за училиштата и јавните услуги во вредност
од половина милион долари.
Рандел Свишер од Американското здружение за енергија од ветрот вели ова е само почеток:
- Говориме за огромно богатство во пределот на Големите рамници, што е ветровитиот појас во САД.
Во моментов, на ветрот отпаѓа помалку од еден процент од вкупното производство на енергија во САД. Владиниот оддел за енергетика планира тој износ до 2030-та да биде 20 проценти.