Линкови за пристапност

Руските сили се повлекуваат од делови на Грузија


Руските сили започна да се повлекуваат од дел од позициите во Грузија и се на пат кон отцепениот регион Јужна Осетија. Новинари, стационирани во стратешки важниот град Гори, јавуваат дека колони камиони и моторни возила се движи на север, кон Русија.

Главниот руски генерал Анатоли Ноговицин денес во Москва соопшти дека повлекувањето ќе заврши според постојниот распоред. Рускиот претседател Дмитри Медведев вети дека руските сили ќе завршат со повлекувањето до петок, 22-ри август. Москва најави дека нејзините војници ќе одржуваат 18 контролни пункта во безбедносната зона воспоставена околу Јужна Осетија, во која е вклучен и аеродромот близу градот Сенаки. Засега не е извесно дали ќе настапи целосно повлекување, бидејќи руски армиски претставници најавија дека нивните сили ќе имаат пунктови и долж главниот автопат во Грузија, патниот правец исток-запад.

Портпаролот на Пентагон Брајан Витман потврди извесни придвижувања на руските сили, особено околу градот Гори, но рече дека е тешко да се потврди дали тоа е показател за повлекување, или пак само прераспоредување на силите.

Врховниот командант на НАТО, американскиот генерал Џон Крадок во Тбилиси изјави дека руските сили ја напуштаат Грузија „со брзина на полжав“.

Американскиот претседател Џорџ Буш вчера му порачал на грузискиот колега Михаил Сакашвили дека САД гледаат Русија да го испочитува договорот да се повлече и да стави крај на - како што кажа - „опсадата на Грузија“.

XS
SM
MD
LG