Линкови за пристапност

Ново истражување за витаминот Б противречи на претходните дека заштитува од срцев и мозочен удар


По едно истражување од 1998-ма, многумина мислеа дека витаминот Б штити од срцев и мозочен удар, и посебно – од втор срцев удар. Но, нова студија наведува дека тоа не е точно.

Повеќе од една деценија, лекарите и срцевите болни беа особено заинтересирани за витаминот Б, бидејќи истражувања посочуваа дека тој може да спречи втор срцев удар и да помогне во заштита од мозочен удар. Видовите на витаминот Б го намалуваат нивото на амино-киселината во крвта наречена хомоцистин, што учествува во стврднување на артериите.

Високо ниво на хомоцистин е голем фактор на ризик за болест на коронарните артерии. Истражувачите од Универзитетската болница Хокланд во Норвешка испитувале дали намалувањето на нивото може да го подобри здравјето на пациентот.

- Можевме да го намалиме нивото на хомоцистин, и мислевме дека ќе го намалиме и ризикот од друг срцев удар и болести поврзани со тоа, вели доктор Марта Ебинг, која учествувала во истражувањето.

Едно на секои три лица кои преживеале срцев удар, претрпело друг срцев удар во рок од три години.

Истражувачите испитувале повеќе од илјада пациенти со артериосклероза. Некои добивале дневна доза од витамин Б-12, Б-6 и фолична киселина. Други добивале лажна пилула. Истражувањето ги следело пациентите во рок од три години.

- Иако го намаливме хомоцистинот за близу една третина, немаше некои позитивни ефекти, коментира Ебинг.

Објаснувањето, според Ебинг, е дека хомоцистинот можеби нема способност да го смени курсот на болеста на артериите, туку само е знак на зголемен ризик кај пациентите со болест на коронарните артерии.

Американското здружение за борба против срцеви заболувања исто така препорачува докторите да претпостават дека витаминот Б не помага против срцев напад, како и дека најдобра заштита е здрава диета, ниско ниво на холестерол, физичка активност и откажување од пушењето.

XS
SM
MD
LG