Линкови за пристапност

Мекејн и Обама се согласија на три претседателски дебати


Американските претседателски кандидати Џон Мекејни Барак Обама се договорија да учествуваат во три претседателски дебати пред изборите во ноември.

Првата на 26-ти септември на Универзитетот Мисисипи ќе биде посветена на надворешната политика и националната безбедност. Втората е замислена како средба со граѓани на 7-ми октомври на Универзитетот Белмонт во Тенеси, а третата на 15-ти октомври на Универзитетот Хофстра во Њујорк ќе се бави со економски и домашни политички прашања.

Дебатата меѓу се` уште необјавените потпретседателски кандидати ќе се одржи на 2 октомври на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис.

Се очекува демократот Обама да го именува својот кандидат за потпретседател до сабота, на два дена пред Националната конвенција на Демократската партија во Денвер, Колорадо, на која и формално треба да ја прифати партиската номинација за претседателските избори. Во најтесниот избор се сенаторот од Делавеар Џо Бајден, неговиот колега од Индијана Иван Бај и гувернерот на Вирџинија Тим Кејн.

Републиканецот Mекејн можеби ќе го објави својот избор за потпретседателски кандидат на собир на 29-ти август, на три дена пред почетокот на републиканската конвенција во Минеаполис, Минесота. Мекејн наводно размислува за поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, гувернерот на Минесота Тим Павленти и поранешниот гувернер на Пенсливанија Том Риџ, кој воедно беше и првиот директор на владиниот Оддел за домашна безбедност.

Според најнова анкета на Ројтерс и Зогби, Мекејн има пет проценти предност пред Обама во сооднос 46 наспроти 41, додека заедничкото истражување на Лос Анѓелес Тајмс и Блумберг дава предност на Обама пред Мекејн во сооднос 45 наспроти 43 проценти. Обама има подобар учинок и во последната анкета на Универзитетот Квинипек во Конетикат – 47 наспроти 42 процента.

XS
SM
MD
LG