Главниот експерт на Стејт департментот за кавкаското подрачје оцени дека интервенцијата во Грузија нанела сериозна шетата на меѓународниот углед на Русија. Заменикот помошник-државен секретар за европски прашања Метју Брајза на прес-конференција во Вашингтон рече дека Вашингтон упорно го советувал Тбилиси да избегнува судир со Москва.
Владата на Буш уште еднаш ги отфрли наводите дека Грузија
„добила зелено светло“ од САД за армиската акција во Јужна Осетија. Напротив, американскиот совет за Тбилиси бил
да избегнува судир со Москва по секоја цена.
Овој коментар Метју Брајза, главниот американски пратеник за кавкаското
подрачје, е меѓу најексплицитните по избивањето на непријателставата во Јужна
Осетија нешто порано месецов.
Грузија испрати сили во отцепениот регион во одговор на -
како што тврдат грузиски претставници - артилериски оган и провокации од него,
што, на крај, предизвика интервенција на Москва во подршка на тамошното - како
што самата го опишува - свое мировничко присуство.
Брајза на конференцијата во Меѓународниот прес-центар во
Вашингтон во вторникот рече дека американскиот совет за Грузија бил да
избегнува конфронтација со далеку посупериорните руски сили. Пораката била иста и кога Москва започнала
да испраќа дополнителни сили во Јужна Осетија, и покрај прекинот на огнот што
беше само на хартија:
- Во тој момент, грузиското раководство на некои од
нас ни кажа дека нема друг избор освен да ги брани селата и луѓето и да го
крене прекинот на огнот. Нашата порака
остана иста – разбираме со каква неволја сте соочени. Но, ние енергично предложивме - не се вклучувајте во директен
армиски судир со Русија, бидејќи победата во него не е можна.
Брајза одби да шпекулира на прашање дали меѓународната
реакција на руската интервенција би можела да доведе до исклучување на Москва
од Групата осум главни светски сили, или пак да ја доведе во прашање нејзината
кандидатура за целосно членство во Светската трговска организација. Па сепак, коментираше дека употребата на
сила врз помал сосед несомнено нанела опиплива штета на рускиот углед во
светот:
- Не се обидуваме да упатиме неодредени закани или да
мавтаме со прстот, туку едноставно да го искажеме фактот дека оваа армиска
операција има сериозна цена за Русија во однос на нејзиниот углед во
светот. Тоа не е добро, ниту пак нешто
во што уживаме, или пак сакавме да се случи.
Брајза додаде дека клучни лица во владата на Буш со
години се обидувале да изградат заеднички корисни односи и стратешко
партнерство со Москва, но дека со оглед на настаните во Грузија - како што кажа
самиот - „сега сме далеку од тоа“.