Линкови за пристапност

Иднината на НАТО во контекст на проширувањето и Авганистан


Руската инвазија на Грузија повторно го крена прашањето за проширувањето на НАТО. Москва е енергично против.

Во НАТО велат дека односите со Москва започнале да се влошуваат дури и пред инвазијата на Грузија.

- Средбите се променија, беа многу порелаксирани. Имавме повеќе заедничко отколку разлики. Сега има релативно искрена дискусија за нешта како проширувањето, Косово, Грузија, на кои НАТО и Русија едноставно не гледаат исто, вели портпаролот Џејмс Апатурај.

На Самитот во Букурешт во април, НАТО постигна согласност дека Грузија и Украина треба да станат дел од Алијансата. Русија е енергично против. Проширувањето ги нагласи поделбите меѓу самите НАТО-членки за последиците од приемот на Грузија и Украина. Едно од контроверзните прашања е дали НАТО е подготвен да ги брани доколку како членки во иднина евентуално се најдат во армиски конфликт со Русија. Членот 5 од Повелбата на НАТО наведува дека напад на една членка е напад на сите. Иако САД енергично се за членство на Грузија и Украина, Франција и Германија, на пример, беа против.

Рускиот амбасадор во НАТО Дмитри Рогозин предупредува против проширувањето со тие земји:

- Би донело вистинско заладување во односите. Америка и НАТО би изгубиле мошне важна руска поддршка.

Руската поддршка веќе се протега до некои НАТО операции во Авганистан. Но, дел од аналитичарите сметаат дека мисијата во Авганистан самата по себе претставува сериозен долгорочен предизвик за НАТО. 53 илјади војници и придружен персонал на Алијансата таму водат битка против повторно заживеаните остатоци на Талебан.

Ник Гроно од Меѓународната кризна група смета дека НАТО не успеал доволно брзо да го обезбеди јужен Авганистан:

- И кога таму ќе испратиме мировни сили, не е за изненадување што ќе наидат на мошне ефикасно и енергично бунтовништво.

Претставници на НАТО во Брисел оценуваат дека стабилноста на Авганистан и проширувањето на НАТО на исток се двата најголеми предизвика. И обата - додаваат - ја вклучуваат Русија.

XS
SM
MD
LG