Линкови за пристапност

Пакистанскиот претседател поднесе оставка


Пакистанскиот претседател Первез Мушараф даде оставка на функцијата, во обид да избегне отповикување, со тоа ставајќи крај на девет турбулентни години на власт.

Во телевизиско обраќање во живо, Мушараф негираше дека има направено прекршок и рече дека тврдењата за отповикување се неосновани. Тој исто така ги бранеше своите политички одлуки откако дојде на власт по воен удар.

Засега не се знае дали Мушараф ќе остане во Пакистан или пак ќе замине во егзил. Првиот човек на Сенатот Мухамедмиан Сумро ќе биде вршител на должноста претседател.

Пакистанските коалициони партнери Али Асиф Зардари и Наваз Шариф по овој повод имаа закажана средба.

Нешто порано годинава, противниците на Мушараф презедоа контрола врз Парламентот и формираа нова влада по претходно одржаните избори. Коалицијата финализираше листа на обвиненија за отповикување на Мушараф, што и официјално ќе ја поднесеше доколку тој не заминеше од функцијата.

Американската државна секретарка Кондолиза Рајс реагираше на веста со коментар дека САД ќе продолжат да соработуваат со пакистанската влада во борбата против тероризмот. Рајс го окарактеризира Мушараф како пријател на САД и му оддаде признание за заложбите во борбата против Талебан, Ал-Каида и други милитанти. Таа рече дека САД ќе продолжат да бараат од пакистанските политички водачи да се фокусираат на запирање на растечкиот екстремизам што се заканува на Пакистан и на соседите.

XS
SM
MD
LG