Линкови за пристапност

Буш побара руските сили да се повлечат од Грузија


Американскиот претседател Џорџ Буш ја повика Русија да го почитува ветувањето за примирје во Грузија и да ги повлече силите од таа земја.

Во изјавата дадена од Белата куќа тој изрази загриженост поради извештаите дека Русија не ја запрела воената акција во Грузија, иако вети дека ќе го стори тоа. Буш очекува Русија да ги повлече сите сили кои навлегоа во Грузија последниве неколку дена. Тој истовремено ја повика Москва да овозможи да започне хуманитарната мисија со која раководи американската армија. САД планираат да испратат носач на авиони и морнарички сили за достава на хуманитарна и медицинска помош.

Буш најави дека државната секретарка Кондолиза Рајс ќе замине за Франција на средба со претседателот Никола Саркози, кој е вклучен во мировните преговори. Потоа ќе отпатува за Грузија, за да ја пренесе – како што кажа американскиот претседател – непоколебливата поддршка за грузиската демократска влада.

Буш телефонски разговарал за ситуацијата во Грузија со Саркози и грузискиот претседател Михаил Сакашвили.

Сакашвили во интервју за Си-Ен-Ен оцени дека првичните изјави од САД за руската акција биле „премногу меки". Тој ги критикуваше и медиумските извештаи дека Грузија го предивикала судирот со сопствени постапки и рече дека земјата нема никогаш да се предаде на Русија. Грузија – вели Сакашвили – би прифатила непристрасни мировни сили да помогнат во враќање на мир во регионот.

XS
SM
MD
LG