Линкови за пристапност

Рускиот претседател ја запре акцијата во Грузија


Рускиот претседател Дмитри Медведев соопшти дека наредил крај на армиската операција во Грузија. Но, грузискиот претседател Михаил Сакашвили вели дека руските сили продолжиле со напади само неколку часови подоцна.

Медведев ја соопшти одлуката во време кога францускиот претседател Никола Саркози е во Москва, притискајќи во име на западните земји за прекин на огнот. Прекинот уследи по петдневни интензивни руски напади од воздух и копно и навлегување на руските сили длабоко на грузиска територија, како одговор на нападот на Грузија врз сепаратистите во нејзиниот проруски отцепен регион Јужна Осетија. Според медиумските извештаи, во судирите загинале преку 2.000 лица, а аналитичарите предвидуваат тој број да расте.

Медведев денес изјави дека Грузија, цитираме, доволно е казнета за нападите во Јужна Осетија, како и дека е вратена безбедноста на руските мировници и руските цивили во регионот. Грузискиот претседател Михаил Сакашвили, пак, обвини дека руски воени авиони и натаму напаѓаат грузиски цели и покрај објавата на примирје.

Американскиот претседател Џорџ Буш вчера веднаш по враќањето од Кина во понеделникот упати остра порака до Русија, велејќи дека можеби се обидува да ја симне грузиската влада. Во изјавата од Белата куќа, Буш подвлече дека таквиот потег против една демократски избрана влада е неприфатлив и побара Русија да го смени курсот и да ги повлече силите.

Експертот за кавкаското подрачје на Стејт департментот Метју Брајза се наоѓа во Грузија. Портпаролот на Стејт департментот Роберт Вуд ги отфрли руските тврдења дека американската помош во префрлање на две илјади грузиски војници дома од Ирак со авиони претставува директно учество во грузискиот судир.

Двата главни американски претседателски кандидати – републиканецот Џон Мекејн и демократот Барак Обама ја осудија руската армика акција во Грузија.

Мекејн рече дека разговарал со грузискиот претседател Сакашвили и дека во Грузија продолжуваат убиствата и агресијата. Тој го повика Советот за безбедност на ОН да ја осуди руската акцја, за која кажа дека претставува очигледно прекршување ма меѓународното право и за која нема место во Европа од 21-от век.

Во изјава издадена во понеделникот, Обама оцени дека Русија го нараснала судирот далеку над спорот во Јужна Осетија и дека не постои оправдување за нападите на грузиска територија. Тој повика на резолуција Советот за безбедност на ОН што би наложила итен крај на насилството и оцени дека рускиот напад е очигледно прекршување на суверенитетот и меѓународно признатите граници на Грузија.

XS
SM
MD
LG