Американската кошаркарска екипа на Олимписките игри во Пекинг го започна походот по титулата со убедлива победа против домаќинот Кина - 101-70. Професионалците од НБА сакаат да ја вратат доминацијата на светска сцена по разочарувањето на претходната Олимпијада во Атина, кога паднаа на трето место.
Двејн Вејд, кој го доведе Мајами Хит до шампионската титула во Ен-Би-Еј пред две години, смета дека тој и соиграчите се подготвени за враќање на олимпискиот трон:
-Ако некој тим сака да не победи, ќе треба да игра
мошне добро. Ако ние, пак, одиграме
одлично, ќе биде тешко некој да не` победи.
За Леброн Џејмс од Кливленд Кавалирс, бронзата што ја освои во Атина пред
четири години е само дополнителен мотив да ја преземе улога на лидер во тимот и
овојпат да го донесе до злато:
-И на тренинзите, и на натпреварите, јасно и гласно им укажувам на
соиграчите за она што го прават во нападот и одбраната. Да, ја преземам таа одговорност.
Коби Брајант од Лос Анџелес Лејкерс, носител на титулата „највреден играч“ во
НБА-лигата, е свесен дека приматот на САД овојпат ќе треба да се заработи, и
дека не е „готова работа“ како порано, но бездруго е оптимист:
-Ова повеќе не е само американски спорт,
туку глобален, и мислам дека тоа е прекрасно.
Како огнен љубител на спортот, тоа сакате и да го видите, да го
споделите уживањето со другите.
САД на првиот натпревар покажаа колку се гладни за докажување. Ја победија Кина предводена од ѕвездата на
НБА Јао Минг со дури – 31 поен разлика.