Линкови за пристапност

Се разгоре конфликтот во Јужна Осетија


Според медиусмки извештаи, руските сили ги поттиснуваат грузиските надвор од главниот град на Јужна Осетија - Цхинвали, а грузискиот претседател ја обвини Русија дека води војна во неговата земја.

Портпаролот на грузиското Министерство за надворешни работи Шота Утиашвили кажа дека рускиот артилериски оган врз Цхинвали ги присилил грузиските сили да се повлечат од дел од градот што го заземаа претходно во денот.

Грузискиот претседател Михаил Сакашвили за Си-Ен-Ен изјави дека наредил целосна офанзива за да поврати контрола над отцепениот регион кога руските тенкови навлегле во него.

Во Москва, руското Министерство за одбрана кажа дека негови тенкови ги засилуваат руските мировници кои веќе се наоѓаат во Јужна Осетија. Според одбрамбени претставници, 10 мировници загинале а 30 биле ранети во борбите.

Грузиски претставници побараа Русија да запре да ги напаѓа грузиските градови. Русија демантираше дека извршила напади. Портпарол на грузиското Министерство за одбрана изјави дека руски авиони бомбардирале две грузиски воздухопловни бази во близина на Тбилиси.

Рускиот претседател Димитри Медведев се заложи дека ќе ги брани руските граѓани во Јужна Осетија, каде многумина жители имаат руски пасоши.

Во Вашингтон, американската влада изрази загриженост за територијалниот интегритет на Грузија. Портапролот на Стејт депарментот Гонзало Гаљегос повика на итен прекин на огнот и ги повика сите страни да избегнуваат судири. САД ќе испратат пратеник во регионот кој ќе разговара со нив, најави Гаљегос.

И НАТО, Европската унија и ОБСЕ повикаа насилството веднаш да запре.

Јужна Осетија објави независност од Грузија на почетокот на 1990-те, што резултираше во борби и распоредување на руски мировници во регионот. Грузија ги обвинува мировниците дека ги поддржуват сепаратистите и се заложи да ја врати Јужна Осетија под централна владина контрола.

XS
SM
MD
LG