Линкови за пристапност

11 обвинети во досега најголем случај со кражба на идентитет во САД


Американските федерални власти обвинија 11 лица во - како што веќе се нарекува - најголемиот случај на кражба на лични банковни податоци во САД.

Властите велат дека случајот се проширил на три континента и дека се украдени над 40 милиони броеви на кредитни и дебитни картички. Главниот американски правобранител Мајкл Мјукејси коментираше – ова е потсетник дека компјутерскиот криминал не познава граници:

- Ова е најголемиот поединечен и најкомплексен случај на кражба на идентитетот во САД.

Според истражните органи, податоците биле украдени со комјутерски упади во безжичните мрежи на големи стоковни куќи како Ти Џеј Макс, или книжарници како Бордер Букс и други. Откако ќе упаднале, крадците инсталирале софтвер со кој ги преземале броевите на картичките. Потоа тие биле продавани на клиенти во САД и Источна Европа, или употребувани за изработка на дупликат-картички со кои биле вадени пари од банкомати.

Марк Ротенберг од Информативниот центар за електронска приватност смета дека случајот ја покажува ранливоста на новите технологии:

- Клучна поука е дека количината, чувствителноста и ранливоста на информациите и натаму растат, како што стануваме се` позависни од електронските мрежи за финансиски трансакции.

Стручњакот за компјутерска безбедност Филип Цимерман вели дека компаниите мора да обезбедат потрошувачките информации да не завршат во погрешни раце:

- Не постои 100-процентна безбедност, но тоа не значи да се откажеме. Може многу да постигнеме со примена на соодветни технологии.

Според владиниот Оддел за правда, обвиненијата против 11-те лица се резултат на тригодишна истрага, како и соработка со властите од 5 земји.

XS
SM
MD
LG