Линкови за пристапност

Возачот на Бин Ладен прогласен виновен за поддршка на тероризмот


Во американската база Гвантанамо на Куба, порота составена од армиски офицери го прогласи Салим Хамдан, поранешен возач на водачот на Ал-Каида Осама бин Ладен, за виновен по обвинението за пружање материјална поддршка на тероризмот.

Хамдан навидум липаше откако беше прочитана пресудата. Ова е прв завршен процес против еден притворен во Гвантанамо. Хамдан, кој инаку беше ослободен од обвинението за терористички заговор, би можел да добие казна доживотен затвор.

Судењето траеше две недели. Обвинителите тврдеа дека тој бил активен член на Ал-Каида кој доставувал оружје. Тие велат дека во возилото на Хамден биле пронајдени два проектили земја-воздух кога бил фатен во Авганистан кон крајот на 2001-ва. Одбраната, пак, инсистираше дека овој Јеменец бил само обичен човек кој сакал да заработи за живеачка.

Белата куќа коментираше дека на Хамдан му се судело на праведен начин во рамки на армискиот систем. Портпаролот Тони Фрато кажа дека за Хамдан важел принципот претпоставка на невиност и дека имал можност да се брани од обвинението против него.

- Се надеваме дека ова е почеток на најмалку 20 други судења што наскоро ќе започнат, рече портпаролот на Пентагон Џеф Морел.

Гвантанамо и воените судови против притворените лица осомничени за тероризам, наречени армиски комисии, беа под интензивна домашна и странска критика. Владата на Буш ги прогласи притворените за незаконски странски борци за кои не важат правата за класичните воени затвореници. Американскиот врховен суд, пак, во јуни одлучи дека тие може да го оспорат својот притвор пред цивилни судови.

Портпаролот на Хјуман рајтс Воч Стејси Саливан, која го набљудуваше процесот против Хамдан, не верува дека чесно му било судено:

- Мислам дека пресудата беше донесена уште пред да почне судењето. На армиските комисии им недостигаат така фундаментални гаранции за соодветен судски процес, така што не сметаме дека Хамдан воопшто имаше шанса да му се суди чесно.

XS
SM
MD
LG