Линкови за пристапност

Дијаспората во Флорида - Македонци сме и такви ќе останеме


За македонските Американци во Флорида не би требало да има отстапки од националниот идентитет и уставното име во преговорите со Грција. Сметаат дека Македонија мора да има поактивна дипломатија во преговарачкиот процес. Јане Бојаџиевски разговараше со претставници на дијаспората во Флорида.

Христо Манговски, кој самиот е егеец и добро му е позната судбината на децата-бегалци, го лоцира проблемот во досегашните преговори за разликите околу името меѓу Македонија и Грција. Атина игра на картата време, смета тој:

„Добивајќи во време е во прашање имотната состојба на Македонците во Грција. Тие немаат решение за имотно-правни прашања. Сите тапии за тие територии и делови од Македонија во моментов не се во рацете на Грците. Тие тапии се наоѓаат во Отоманските архиви во Истанбул.

Со отварањето на прашањето за признавањето на македонското малцинство во Грција и враќањето на нивните имоти од страна на македонскиот премиер Никола Груевски се согласува и Коста Јанковски од Неплс:

„Самиот потег на премиерот Груевски мислам дека има позитивни рефлексии. Негативно е примен во некои земји од аспект – зошто токму сега се отвара прашањето, а не порано?

Инаку, гркиот премиер Костас Караманлис, како што пренесоа грчките медиуми, во одговор на писмото на својот македонски колега потенцира дека не постои македонско малцинство во Грција.

Анета Морова-Станчиќ смета дека со добра волја може да се надмине македонско-грчкиот спор:

“Ако грчки претставник отворено разговара со македонски и ги признае македонскиот идентитет не би требало да има проблеми. Ако признаваат режисерот Слободан Унковски во Атина, зошто не би ја признале Македонија?

Јовица Спасовски е умерен оптимист кога станува збор конечно решение:

„Не верувам дека наскоро ќе се најде позитивно решение за Македонија, но сум оттимист и очекувам надворешната политика на Македонија да победи.“

Македонската заедница во Неплс, Флорида со внимание го следи најновиот развој на настаните во преговорите меѓу Македонија и Грција за разликите околу името. Не веруваат дека е можен преседан во актуелната статус-кво состојба. Велат – Македонци сме – такви и ќе останеме.

XS
SM
MD
LG