Линкови за пристапност

Сенатот го потврди Рикер за амбасадор на САД во Македонија


Американскиот Сенат ја потврди номинацијата на Филип Рикер за нареден амбасадор на САД во Република Македонија. Според Интернет-страницата на Сенатот, Рикер конечно бил потврден на функцијата во петокот на 1-ви август. Номинацијата на Рикер најпрвин во јуни мина низ Сенатската комисија за надворешни работи по распитот за потврдување на функцијата, но потоа беше блокирана поради дополнителни прашања од Сенатот.

Стејт департментот не сакаше да коментира кој точно од сенаторите имал прашања и со каква содржина додека номинацијата беше во процедура. Неофицијално, се работи за сенаторката Олимпија Сноу од сојузната држава Мејн, која наводно испратила писмо до државната секретарка Кондолиза Рајс. Нејзиниот претставник за печат Курт Бардела на наше барање да потврди или демантира само кусо коментираше – „не можам да потврдам ништо во врска со процесот на потврдување“.

Сноу, инаку, е единствениот републиканец меѓу 9-те сенатори - потписници на Резолуцијата број 300, поднесена уште во август минатата година, што ја повикува Македонија - ословувана во текстот под референцата ФИРОМ - да прекине да користи материјали што ги кршат одредбите на Времената спогодба и да работи на заеднички прифатливо решение за името. Сноу ја поттпиша веднаш по поднесувањето, на ист датум со демократскиот претседателски претендент Барак Обама.

Филип Рикер на местото амбасадор во Македонија ќе ја наследи Џилијан Миловановиќ, која беше на таа функција од август 2005-та. На листата претходни ангажмани на Рикер се и советник за јавност на американскиот амбасадор во Ирак, заменик-шеф на мисијата во амбасадата во Унгарија, како и заменик-портпарол и заменик-помошник секретар во Бирото за односи со јавност во Стејт департментот. Ова нема да биде прва служба на Рикер во Македонија – од 1997-ма до 1999-та, кога амбасадор во земјата беше Кристофер Хил, тој беше претставник за односи со јавност.

XS
SM
MD
LG